Битолското обвинителство експресно отвори предмет за мртвата мечка на фотографијата со Сашо Дранго
Сообраќајката која ја споменува Сашо Дранго се случила на 4 ноември на патот Битола – Ресен и неа ја предзвикала мече. Сликата на усмртената мечка веројатно е од декември
БИТОЛА – Основното јавно обвинителство од Битола денеска отвори предмет за случајот со застреланата мечка и фотографијата на која позира Сашо Дранго, заменик-директор на „Македонија пат“ .
Од Обвинителството во Битола, вечерва за https://nezavisen.mk потврдуваат дека веднаш оформиле предмет.
„По објавата по медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило. Обвинителството ќе се обрати до Здружението ‘Анима мунди’ да ни ги достават нивните материјали како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции“, изјави за „Независен“ обвинителката Оливера Нечаковска.
Бурни реакции во јавноста предизвика веста на Здружението за заштита на животни Анима Мунди, кое објави фотографија од заменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, Сашо Дранго, со мртва мечка за која претпоставуваат дека ја застрелал во декември.
Дранго за дел од медиумите денеска изјави дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, па тој и вработени во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.
„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во ‘Македонија пат’ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста Ротино, битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави тој за медиумите.
Меѓутоа, наши извори од СВР Битола велат дека, сообраќајката на патот Битола-Ресен се случила на 4 ноември лани, меѓу селата Цапари и Ротино, и дека сообраќајката ја предизвикало мече, а не мечка како што е на фотографијата на Дранго.
Гизела Бошковска од Анима мунди за Телма изјави:
„Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта. Исто така, ни кажаа дека имало и обид да се пријави, но тоа било скриено дури и од лица кои работат во МВР. Уште пострашен е фактот што се работи за носител на јавна функција, заменик-директор. Јас очекувам дека надлежните институции сериозно ќе се занимаваат со ова, добро ќе го истражат настанот и тој ќе одговара како што налага Кривичниот законик“, изјави Гизела Бошковска.
Во членот 11 од Законот за дивеч и ловството пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик во членот 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.