вестиТоп вести

Борче Димитриоски-Заглавивме со јарињата, килограм јарешко колку едно чоколадо

Секоја година, кога ќе заврши откупот на јагнињата почнува продажбата на јарињата, велам продажба зошто за јарињата нема организиран откуп. Но, за жал оваа година, по драстично ниска цена, за само 70 денари од килограм.

Борче Димитриоски е 28 годишен млад земјоделец од Прилеп, кој заедно со своето семејството одгледува фарма со кози, со регистрирана фирма во селото Мал Радобил, во областа Раец. Борче се жали дека оваа пролет поради проблемите со откупот на јагнињата и нивите јариња им останаа неоткупени во трлата. Во нивната фарма во моментов има 120 кози и 98 јариња.

Цената за килограм јарешко месо жива мера, толку многу падна што драстично се одразува врз целокупната финансиската состојба кај овие козари.

Борче вели дека килограм јарешко се продава за 70 до 80 денари и тоа е за речиси 60 денари помалку во споредба со лани кога, жива мера јарешко се продавало за 130 денари од килограм.

-Секоја година, кога ќе заврши откупот на јагнињата почнува продажбата на јарињата, велам продажба зошто за јарињата нема организиран откуп. Но, за жал оваа година, по драстично ниска цена, за само 70 денари од килограм, колку едно чоколадо. Купувачите се одлучуваат за јагнешко и ние мора да го продаваме јарешко по овие катастрофални цени. Каде се тука трошоците за храна, за концентрат, за паша и за што ли уште не. Оваа цена не ни се исплаќа, катастрофа е ситуацијата, се пожали Борче во разговор за „Зелена берза“.

Според него, во овие состојби треба да интервенира државата и да им помогне на козарите, со тоа што и за одгледувачите на кози да важи поддршката од 2500 денари за оставено женско јаре.

-Ако државата има слух за нашите проблеми бараме плус 800 денари за оставено женско јаре за репродукција, или вкупно 2500 денари исто како за јагнињата. Само така ќе можеме и ние да ги ублажиме последиците од оваа моментална состојба на пазарот, смета младиот сточар од Прилепско.

Според Димитриоски, Владата треба што поскоро да го објави и јавниот повик за субвенционирање на нето платата за козарите од регистрирани фирми, зошто трошоците и проблемите се напластуваат и тие пари од 2019, им се повеќе од потребни.

 

Подобро да чувам стока, отколку да бидам третиран како стока!

Фармата со кози Борче ја има веќе 6 години, откако се вратил од Словенија и решил да се занимава со сточарство.

-Бев во Словенија и работев како електричар, околу една и пол година, но не ми се допаднаа работите таму, не ми се допадна начинот на живот, па си реков, млад сум ќе успеам и во мојата татковина, подобро да чувам стока, отколку во туѓина да ме третираат како стока. Се вратив и заедно со татко ми Златко и брат ми Христијан се одлучивме да купиме кози и да регистрираме фирма. Сега е подобро, имавме имот во Мал Радобил и еве успеваме да опстанеме, вели Борче.

Покрај одгледувањето на кози, семејството Димитриоски произведува и козјо сирење. Годишно прават околу 1 тон сирење, односно 70-80 канти од по 13 килограми. Дневно молзат околу 50 литри млеко.

-Се одлучивме да произведуваме сирење, бидејќи млекото беше тешко да се предава секоја ден. Тоа е расиплива роба и треба многу внимание, затоа решивме да правиме сирење. Имаме муштерии и продажбата не е проблем. Килограм сирење чини 250 денари, вели Борче.

Да се поедностават критериумите за мерката „Млад земјоделец“

Овој наш сточар, веќе размислува да инвестира во овоштарници со лешник и модра слива, но апелира до властите да ги поедностават критериумите за мерката „Млад земјоделец“.

-Не успеав да земам поддршка од мерката „Млад земјоделец“, сметам дека е премногу комплицирана постапката. Треба да се поедностави и да ни се помогне на сите млади земјоделци кои сакаат да останат во оваа земја, да инвестираат и да се занимаваат со земјоделство. Сега ќе вложиме во лешници и во модри сливи, зошто со тутунот оди потешко. Годинава ги намалуваме површините со тутун од 13 на 7 декари. Сметам дека со овошјето ќе имаме повеќе успех, вели Димитриоски.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close