Во рамки на изработката на физибилити студијата за консолидација на земјоделското земјиште, стручен тим денес беше во с. Жабени кое е едно од 12 –те проектни области за консолидација на земјиштето ширум државата. Жителите од ова село имаа можност да се информираат што значи консолидацијата, кои се придобивките од нејзиното спроведување и како ќе се извршува.
Саим Зуберовски, жител од ова село, вели дека сака да се изврши оваа операција, бидејќи земјата му била на повеќе парцели.
„Претходно стравував да не се раситнат некои големи парцели за сметка на други парцели. Денес добив повеќе информации, па ќе видиме што ќе биде“, вели Зуберовски за Зелена берза.
Во наредните дваипол месеца треба да се заврши изработката на физибилити студијата за с. Жабени што треба да ја изработи битолската фирма Геобалкан. Управителот на оваа фирма Боро Стојановски вели дека работат со одличен тим и им стојат на располагање на жителите за било кои прашања. Вели дека во целиот процес најголем проблем им е стапувањето во контакт со сопствениците на земјиште, што се иселиле во други држави.
„Најголем проблем е пронаоѓањето на сопствениците, за да ги информираме за целиот процес. Имаме ситуација каде само 20-30% од населението живее на овие простори , а останатите се иселиле. Конретно во с.Трн каде што треба да се спроведува консолидација, таму има само 12% од населението, останатите се иселени во Америка и Австралија и постои отпор од жителите што сега ги работат, од страв да не ги загубат нивите. Нема потреба од страв. Лицата во странство ќе добијат зголемување на врдноста на својот капитал кој го имаат во Македонија, а од икс причини не го продале или сл. Со овој процес нивните ниви кои се наоѓаат на мали парцели ќе ги донесеме во ситуација во парцела која реално на пазарот ќе има друга вредност“, изјави Стојановски за Зелена берза.
Тој смета дека ако успеат да го надминат овој проблем нема да има потешкотии околу реализацијата на самото окрупнување на земјиштето.
Денешната средба со жителите од с.Жабени е само дел од изработката на физибилити студијата да се види колкава е заинтерсираноста кај населението за оваа операција. После денешната средба ќе следува фаза на споредување на податоците од катастарот со оние што ќе ги кажат самите жители, после што ќе треба да се одлучи кој модел на консолидација да се примени. Сите активности се во рамки на проектот МАИНЛАНД, финансиран од Европската Унија, кој го споведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (ФАО) во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Павлина Јовановскa