fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Буџет од 4,4 милијарди евра – за развој или за гаснење социјален пожар?

Растот на платите среде криза е ризично сценарио кое ќе ја изеде развојната компонента на државната каса предупредуваат упатените. Стопанствениците очекуваат и конструктивност од опозицијата.

Зголемени капитални расходи, намалени непродуктивни трошоци. Вака накусо изгледа владиниот предлог за државната каса во 2022 година кој влегува во собраниска процедура. Буџетот е рекордно тежок и предвидува повеќе пари, дури и за зголемени плати на дел од административците. Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека документот е скроен реално и нуди основа за развој на економијата:

„Буџетот ќе биде целосно ликвиден и ќе ги исполнува навреме сите потреби“, изјави Бесими.

Владата тврди дека буџетот кој го скроила е развоен, но она што боде очи е што во него повторно доминира социјалната компонента. Дополнително и делот на платите и надоместоците кои ќе изедат дури 531 милион евра. Во неа се предвидени 5% повисоки плати во здравството, 15% зголемување на платите во судството и обвинителството. Дополнително и во образованието каде според колективниот договор платите ќе пораснат за 7%, но и во инспекциските служби за 10%. Ваквата стратегија среде криза според упатените е ризична и може многу лесно да ги урне прокциите за раст:

„Владата предвидува економски раст од 4,6%, но прашањето е како до него, кога гледаме дека повторно во буџетот доминира социјалната компонента. Евидентно е дека ќе треба да се гаснат социјални пожари, а не ни знаеме какви социјални пожари ќе ни се случуваат. Тоа не ни можеме да го предвидиме бидејќи сме се уште во пандемија, а не очекува и енергетска криза. Од друга страна, начинот на кој ќе се собираат средствата повторно е под знак прашање. Задолжувањето ќе биде ризично и многу поскапо бидејќи на секоја политичка криза, следи и финансиска криза, но и помала даночна дисциплина. Сите се во исчекување што ќе се случува, намалени ќе бидат приходите по основ на даноци, така што оптимистички ќе биде ако имаме ребаланс ушто во првиот квартал во наредната година“, коментира за Дојче веле бизнисменот Миле Бошков.

Закана од енергетска криза 

Развојната компонента дополнително може да ја урне енергетската криза која сериозно се заканува во пресрет на зимскиот период. За разлика од платите и социјалните трансфери, во буџетот нема наведено посебна ставка за финансиска помош на енергетските компании, што индиректно ќе значи и помош за граѓаните од евентуален ценовен удар. Министерот Бесими уверува дека состојбата се следи и доколку има потреба ќе се реагира:

„Во Владата има работен тим што ја следи состојбата и во зависност од тоа каде ќе се ослободат средства ќе се интервенира. Битно е граѓаните да знаат дека ќе се направат сите напори пред се да има доволно електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект. Во актуелниот Буџет има средства од програмата за Ковид од околу 6 милијарди денари кои се` уште не се реализирани и со нив може да се поддржат енергетските компании“, изјави министерот Бесими.

Развојната компонента на буџетот е базирана на проекциите за капитални инвестици, но и на поволните прогнози за развојот на европските економии, посебно на германската, која важи за главен трговски партнер на македонската економија. Бруто инвестициите е предвидено да се зголемат за 8,5% на реална основа, а потрошувачката за 3,1%. Дополнително се очекува да расте и извозот, а да се зголемува и вработеноста. За капитални проекти предвидени се близу 600 милиони евра што е раст од 27% во споредба со годинава. Учеството во вкупните расходи пак е 14% што според Владата е досега најголемо. https://www.dw.com/mk/

Слични написи

Back to top button
Close