
Поништени повиците за набавка на трактори и приклучна механизација -Лоша вест за земјоделците
Официјално „Зелена берза“ има потврда од директорката на Платежната агенција Даниела Иротова дека повиците се стопирани.
Десет месеци земјоделци кои аплицираа за набавка на трактори и приклучна механизација останаа во неизвесност и без одговор дали ќе успеат да си купат нови трактори и приклучна земјоделската механизација. Последната потврдена вест од Платежната агенција е дека се поништени повиците за набавка на трактори и приклучна механизација од Програмата за Рурален развој за 2025 година.
Модернизацијата на земјоделството со нова земјоделска и приклучна механизација, за земјоделците значи држење на чекор со времето и технологијата. Поефикасна обработка на нивите и помали трошоци.
Еден трактор сам да го плати земјоделецот, без поддршка од државата се движи по цени од 9 илјади евра па нагоре.
Според проценки на земјоделци упатени во секторот, станува збор за над 2.500 земјоделци кои пројавиле интерес за двата повици по програмата за Рурален развој за финансиска поддршка за набавка на трактори и земјоделска механизација. Но, засега финансиска поддршка нема.
Официјално „Зелена берза“ има потврда од директорката на Платежната агенција Даниела Иротова дека повиците се стопирани.
Во телефонски разговор Иротова вели– „Постапката е запрена, причина има, има констатирани злоупотреби“, изјави првиот човек на Платежната агенција за „Зелена берза“ и најави подетално образложение.
До редакцијата на „Зелена берза“ пристигнаа прашања и коментари од земјоделци кои аплицирале за финансиска поддршка од Програмата за рурален развој на повикот за набавка на трактори од 6 јуни 2025 и повикот за набавка на приклучна земјоделска механизација од 11 јуни 2025.
Имено, според споделените прашања и коментари тие искажуваат загриженост и прашуваат зошто овие повици се повлечени, односно поништени од страна на Платежната агенција.
„Дали повиците за набавка на трактори и набавка на приклучна земјоделска механизација се поништени? Ако се поништени, која е причината? Што ќе биде со крајниот исход по нашите апликации? Дали и во овој дел од програмата има криминал како и во ИПАРД 3 програмата или државата нема пари, зошто се прекршуваат негативни последици врз грбот на чесните земјоделците кои сакаат да ја работат земјата, а немаат нова механизација“, прашуваат земјоделци.
Од Националната земјоделска мрежа велат дека доколу повиците се поништени по било која основа, чесно е земјоделците – апликанти да добијат официјално известување за соодветно да си ги планираат идните инвестиции.
„Како Национална земјоделска мрежа јавно се обраќаме до надлежните институции и бараме одговор – До каде е реализацијата на програмата за рурален развој, односно што се случува со апликациите кои беа уредно доставени согласно распишаниот повик? Истовремено посочуваме дека голем број на земјоделци меѓу кои и наши членови беа изложени на финансиски трошоци околу прибирање и комплетирање на документацијата. Затоа сметаме дека чесно е да се даде одговор на поднесените барања за поддршка од програмата согласно пропишаните услови од повикот“, изјавија од НЗМ за „Зелена берза“.
Според јавниот повик – Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства – Набавка на трактори земјоделците, односно заинтересираните земјоделци може да земат до 10 илјади евра прифатливи трошоци. Сума која не е мала за еден земјоделец.
„Средствата се наменети за инвестиции за набавка на трактор, предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година. Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник за Мерка 121.8 изнесува 600.000 денари. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво“, стои во повикот со напомена дека земјоделците кои имаа право да аплицираат на повикот требаше да имаат минимум производствен капацитет од 2 ха за производство на различни земјоделски култури или на една земјоделска култура, минимум 0,5 ха зеленчук на отворено или тутун, минимум 0,2 ха за производствен капацитет на грозје и овошје или максимум до 50.000 литри за производствен капацитет на вино.
Во повикот набавка на приклучна земјоделска механизација прифатливите трошоци за поединечен корисник беа исто така до 10 илјади евра. Средствата беа наменети за инвестиции за набавка на приклучна земјоделска механизација, предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година.
„Набавка на приклучна земјоделска механизација максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник за Мерка 121.20 изнесува 600.000 денари. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.“
Последно со Програмата за рурален развој земјоделците зедоа трактори по повиците од 2019 и 2022 година, кога беа поделени решенија за финансика помош на околу 1.300 земјоделци за набавка на трактори.
Во 2019 година, 540 земјоделци зедоа помош за купување на трактори со вкупен износ од 206 милиони денари.
Во летото 2023 во Битола беа доделени 730 решенија до земјоделците за финаниска поддршка при набавка на трактор, вкупната вредност на поддршката изнесуваше 500 милиони денари, а финасиската поддршка беше во форма на кофинасисрање од 50 до 75% од вредноста на тракторот.
Две големи криминални афери го тресат земјоделскиот сектор во државата со барањето мито на сега екс директорите на Платежната агенција и Државниот земјоделски инспекторат.
Голем проблем на земјоделците е стопирањето на ИПАРД 3 Програмата.
Уште е неизвесно кога ќе се одблокираат 128 милиони евра, европски пари. Од Европската комисија не дале конкретни рокови до кога ќе се разгледа извештајот кој македонската влада го достави до Европската комисија околу корупцискиот скандал со екс директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев со кој се суспендираа исплатите.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски минатата недела беше во Брисел и по средбата побарале извештајот да се стави на „брза лента“, но не добил конкретен одговор.
„Разговаравме за доставениот извештај, за побрзо да се разгледа и истиот да биде практично разгледан во целост од нивната страна, од администрацијата и согласно тоа разгледување и евентуални забелешки доколку има, да се постапи со понатамошно продолжување со работата на Платежната агенција“, изјави Трипуновски и додаде:
„Немаме конкретен одговор, меѓутоа имаме укажување дека ќе биде ставено на брза лента разгледување на тој извештај. Се работи за обемни извештаи. Кога точно ќе се случи не можам да кажам, затоа што администрацијата во Брисел не работи со конкретни датуми“, рече министерот за земјоделство.
Анета Блажевска за Зелена берза и https://nezavisen.mk/




