Цела Преспа на бавчи
Овоштарите бараат од Владата што поскоро да излезе со сет мерки за помош и мотивација на земјоделците да продолжат со работа, исто како што тоа го направи за фирмите.
Нема прекин на пролетните активности по овоштарниците на преспанските јаболкопроизводители и покрај ситуацијата со корана вирусот. Работите во земјоделството мора да продолжат, да се произведува храна и да се мисли на новата реколта на овошките, велат овоштари од Преспанскиот Регион за „Зелена берза“.
Овоштарите овој период ги зарежуваат овошните насади со цел да добијат поквалитетни плодови, а дрвото да оформи здраво и јако стебло. Се отстрануваат болни, криви, суви гранки, зашто крошната мора да биде слободна, да нема гранки кои ќе разлистат и ќе им ја блокираат сончевата светлина на плодовите.
Искусните јаболкопроизводители си ја знаат добро работата, секоја јаболкница добива нов лик, а тие се надеваат на богат род.
Пере Транталовски, овоштар од Преспа вели дека храна мора да се произведува, а добро знае дека без маска и ракавици од дома не се излегува.
-Се заштитуваме, и не се дружиме меѓу нас, секој си ја брка работата и нема собирање, вели Пере.
За Преспани важен елемент е пролетната подготовка на овошните дрвја, а во зависност од временските услови ќе започне и заштитата од болести и штетници.
-Цела Преспа е на бавчи, пролетните подготовки мора да течат, сега се зарежуваат овошките, се подготвуваат нови насади, кој не стасал во есента, сега сади, затоа не можеме да бидеме во изолација. Се врши ѓубрење, прихрана на насадите, која е основна. Јас вршам прихрана со арско и органско, а некои со вештачко ѓубриво. Аптеките се полни со сите репроматеријали, има се што ни треба, работите едноставно мора да течат, вели Транталовски.
Семејството на Пере лани произвело околу 150 тони јаболка, но се уште неоткупени им се околу 30 тони од родот.
Пере вели дека заради ситуацијата со корона вирусот цената на јаболката паѓа, и дека ваквата состојба е поради прекин на извозот на јаболка. Јаболката на големо сега се откупуваат од 12 до 22 денари за килограм, во зависност од квалитетот.
Овоштарите прашуваат: Kако државата ќе ги мотивира земјоделците да продолжат со работа?
Блерим Бесими, млад земјоделец од Преспа, јавно го поставува прашањата како државата во оваа ситуација на корона криза ќе ги мотивира земјоделците да продолжат со работа на нивите и производство на храна.
-Сите апели и од стручните лица, професори на Факултетот за земјоделски науки и храна и од Владата се дека ние мора да продолжиме со работа, мора да произведуваме храна, да работиме за сите да преживееме. Меѓутоа како оваа Влада ќе не мотивира нас земјоделците да продолжиме со пролетните активности? Овој процес со корона кризата не се знае колку ќе трае. Затоа прашуваме дали ќе бидеме обезбедени со се’ што ни треба и со каков сет мерки ќе излезе Владата за нас земјоделците? Затоа што досега слушнавме мерки само за фирмите, порача Бесими.
Јаболкопроизводителите дополнително стравуваат од пролетните мразови
Преспанските овоштари се загрижени за последиците врз овошките од евентуалните пролетни мразови. Бесими вели дека за овоштарите е критичен месец април од почеток до крај, а загриженоста е основана и поради снегот и ниските температури кон крајот на март.
-Ги прашувам надлежните до каде се со проектот за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди. Заштитата ќе се спроведува на цела територија, не е само за Преспа. Нам овоштарите овој проект ни е особено важен , зошто ќе се постигне порационална заштита и поквалитетна заштита за нашите бавчи од град, нагласува Бесими.
Со него се сложува и Транталовски.
-Времето е променливо, кај нас ноќе е многу ладно, има понекаде отворање на родните папки. Се зависи од вегетацијата. Стравувањата се какво ќе биде времето во април, тука има опасност од пролетни мразови, тешко ќе биде ако тоа се случи во време на цветање или кога родот ќе биде мал. Со се друго ќе се справиме само да нема невреме, од град, вели Транталовски.
Ставот кај овоштарите постои и поради евентуална суша.
-Зимата беше сушна, дали ќе имаме доволно вода, ова е нашата дилема. Акумулациите се речиси празни, во споредба со години наназад. Битно е и дали ќе има летни дождови, во спротивно ќе имаме криза со вода, вели Транталовски.
Анета Блажевска