вестиТоп вести

Цената на пченицата од 6 до 9,5 денари

Жетвата на пченицата привршува. Цената, зависно од квалитетот, се движи од 6 – 9,5 денари, но во просек изнесува 8 – 8,5 денари. 

cenata na pchenicata od 6 do 9,5 denari

 

Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев, дел од земјоделците се задоволни, а дел не се, додека според претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија Вељо Тантаров, мелничарите купија исклучително евтина пченица поради што треба да ја намалат цената на брашното и лебот.

– Производителите што имаа помали количини, од еден до пет тона, ја продаваа пченицата на неофицијални трговци од кои добиваа по шест денари во готово, а родот со добар квалитет и хектолитарска маса до 80, се продаваше во регистрираните млинови по 9,5 денари. Сепак, инспекциските служби успешно се справија со нелегалните откупувачи. На повеќето им ја одземаа пченицата, информира Шаклев.

Тантаров напоменува дека земјоделците и мелничарите веројатно никогаш нема да успеат да се договорат околу откупната цена на пченицата.

– Во прилепскиот, битолскиот, крушевскиот дел на Пелагонија на кои отпаѓа половина од вкупното македонско производство на пченица, цената е неполни 6 до 8 денари зашто и од нив, на земјоделците им се одбиваат по 0,30 до 0,50 денари за транспорт. Никогаш нема да се договориме со мелничарите зашто сите досегашни договори не ги исполнија, вели Тантаров.

Годинава, додава, имавме ретко богата жетва и квалитетот на родот е исто така добар.

– Предлагаме цената на лебот и брашното да се намали за толку колку што е намалена цената на пченицата. Мелничарите ја купија за речиси без пари. Следниот пат ќе размислиме дали веќе воопшто ќе одиме на консултациските состаноци како досега. Во секој случај, благодарни сме за она што го направи Владата во рамки на нејзините можности, напоменува претседателот на Сојузот на земјоделците и додава дека ваква година во однос на цената беше 2004-та кога пченицата се продаде за околу седум денари.

Годинава се очекуваат 3.850 килограми по хектар пченица. Земјоделците ја поздравуваат владината мерка – дополнителни 6.000 денари поддршка за хектар и, како што нагласуваат и Шаклев и Тантаров, ќе ја искористат сите чиј род е пријавен. Втората мерка, пак, складирање на вишокот лебно жито во силосите во Прилеп и „Жито Вардар“ со 80 отсто државна поддршка, се очекува, рече Шаклев, да ја искористат поголемите производители, финансиски помоќните, кои ќе можат да го одложат продавањето и да чекаат повисока цена.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close