Црвена рѓа, опасна болест ја напаѓа пченицата во регионот
Земјоделците да внимаваат на нова, исклучително деструктивна и агресивна болест која сериозно ги намалува житните култури.
Агробизнис комората предупредува дека болеста наречена „црвена ‘рѓа“ која лани во Италија лани уништила 70% од родот, годинава се пренела во Хрватска, а првите случаи деновиве се забележани и во Србија.
– Земјоделците и земјоделските стопанства и нивните фитопатолози во овој период треба да направат детална контрола на есенските посеви и кога температурите нема да бидат под нулата превентивно да ги испрскаат посевите со фунгициди. Овие препарати превенираат, но и ја уништуваат болеста- рече Огнен Оровчанец, претседател на агробизнис комората при ССК.
Житните култури зафаќаат над 125 илјади хектари или околу 95 отсто од ораниците во земјата, со најголемо учество на пченицата.
Оровчанец апелираше земјоделците внимателно да ги бираат сортите и хибридите за претстојната сеидба и да посеат такви кои се поотпорни на суша и нови болести.
Комората информираше дека температурите кои паднаа и до -20 не предизвикале штети кај посевите кои биле под снег, но тие се евидентни кај овошките и лозјата каде се проценуваат од 30% до 70%.