ЦВЕКЛОТО се одгледува најмногу во источна и централна Европа. Се дели на сорти: рани – до 100 дена, средностасани – од 100 до 130 дена и доцни – над 130 дена. За да се одржи во свежа состојба, се чува на многу ниска температура (0-5°C) и висока релативна влажност (90-95%).
Значи, најповолни се условите кога температурата е 0°C, а влажноста на воздухот 95-100%. Се чува 3-5 месеци, но може и 6-8 месеци ако условите во складиштето се оптимални. Со покачување на нивото на CO2 се забавува процесот на гниење. Можноста за подолго чување на цвеклото е условена и од сортата, големината на коренот, содржината на суви материи, технолошката зрелост и условите на чување.
Дехидрирањето на коренот може да се намали ако влажноста на цвеклото и влажноста на воздухот е помала. Со чувањето на цвеклото во подрумски и неадекватни простории по 2-3 месеци содржината на бетанин се намалува, а со чување околу шест месеци тоа може да се намали и до 10%. За домашна потреба и помало количество на преработки, од голема важност е чувањето во простории и објекти како што се трапови, подруми, магацини, каде што условите за регулација се тешки. Ако се чува во подрумски простории, цвеклото треба да биде разредено, да не е на големи купови и температура да биде над 0°C. Во вакви услови може да се чува до три месеци, се разбира, ако се одржува и влажноста за да не дојде до дехидрирање на коренот.
Валентина Соколовска
за Зелена берза