fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Ценовен шок до Нова Година

Цените на храната ќе растат и до 50 отсто, бизнисот бара поддршка од државата за да се ублажи ударот врз потрошувачите

Драстично поскапување на храната, во некои сектори и 40 – 50 отсто, најавуваат преработувачите. Тие бараат итна средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи за изнаоѓање соодветни решенија кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, со оглед на светските трендови поскапувања секако ќе има, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесат. Цените само на сувомесните производи се очекува да се зголемат за 20 – 40 проценти, но зголемување на цената ќе има и кај лебот.

Комората ќе предложи повторно да се активира кампањата за купување домашни производи.

-Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 – 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас се уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен. Комотни се и големите синџири на маркети, но на крајот ќе мора да реагираат, истакна Васко Ристовски од Комората.

Домашните компании од преработувачката индустрија, потенцира, се соочуваат со зголемување на цените на суровините. На фармерите основните производни трошоци им се зголемени за 70 – 80 проценти, поскапени се и фолиите, енергенсите. За 10 – 11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија, а од друга страна и фармерите притискаат. Слична е ситуацијата и во месната индустрија. Сите се залагаат за плаќање по квалитет, но засега ваквата трансформација оди бавно.

Тој додаде дека драстично поскапеа житарките и маслодајните семиња. Нивните цени во моментов се повисоки за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед дека житарките и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни поскапувања на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните.

Ристовски обвини дека државата нема слух за укажувањата на секторот. Проблем е, рече, и тоа што примарното производство (суровините) се во ингеренции на Министерството за земјоделство, а преработките во Министерството за економија, па наместо на еден, проблемите мора да се решаваат на два фронта кои често не се усогласени.

-Во Албанија Владата ги субвенционираше извозниците на земјоделски производи и денес домашниот пазар е преплавен со земјдоелски производи од соседството, а во Србија, како резултат на лош род и намалени приноси, се забрани извоз на голем дел од суровините, посочи Ристовски според кој, крајно време е компаниите и трговците да креираат заедничка ценовна политика.

Неопходна е, дополни, средба со Битиќи во проширен состав – со претставници на големите синџири маркети.

-Вицепремиерот Битиќи најави нови мерки за да се заштитат потрошувачите. Ако се мисли на замрзнување на цените како минатата година, тоа ќе биде катастрофално и ќе доведе до загуби кај компаниите. Минатата година беа замрзнати цените на одредени домашни производи додека на оние од увоз не беа, со што се направи голема штета кај домашните компании, рече Ристовски.

Претседателот на Групацијата за месо и месни преработки, Гоце Трајчев дополни дека едно обезбедување поддршка, а сосема нешто друго нејзино реализирање во реалноста.

-На поскапувањето укажувавме неколку пати од почетокот на годината. Поскапувања ќе има, но колкави ќе бидат, тука можеме секако да влијаеме. Поскапувањето на месните преработки се очекува да биде 15 отсто колку што е на глобалните пазари, но може да е и повеќе, 30 – 40 проценти ако државата продолжи да ја игнорира поддршката. Само 20 – 30 отсто се царинските давачки за увоз на смрзнато свинско месо за преработка. Значи, од државата зависи колкави ќе бидат поскапувањата, подвлече Трајчев.

Бројките покажуваат дека пченицата во жетва лани чинеше 10 денари за килограм, а годинава е 12 денара што е зголемување од 20 отсто. Јачменот минатата година се купување за 8,5 денари, додека годинава цената е зголемена 23,5 отсто и се купува за 10,5 денари. И кај пченката има забележливо зголемување на цената – лани се купуваше за девет денари, а оваа година производителите ја купуваат за 13. Сојата минатата година се купуваше за 340 – 380 евра за тон, а на почетокот на годината скокна до 500 евра.

-Како држава сме зависни од увоз според потребите и тоа од 120.000 тони пченица поради квантитавиен и квалитативен кусок, како и пченка од 70.000 тони. Во исто време цената на превозот се зголеми за 20 отсто, додека електричната енергија за правните лица кои купуваат на слободен пазар за 100 проценти. Брашното поскапе 20 проценти за 12 месеци. Во исто време, цената на увезеното српско брашно, од 212 евра за тон во 2020 година, се зголеми на 280 евра оваа година или за 68 евра. Многу производители на млеко со ужас забележуваат дека цената на килограм добиточна храна се приближува до цената на литар млеко, што да биде уште полошо, се намалува во последните месеци, создавајќи се поголеми загуби за нив, истакна Ристовски.

Стопанската комора смета дека се наметнува потреба од интервенција на државата во делот на субвенции, но ако тие имаат краен ефект. Во оваа смисла предлага, наместо на производителите, поддршката да се дава на преработувачите, но тоа да биде контролирано.

-Општ впечаток е дека агросекторот изминатите децении е во втор план. Субвенциите растат, но треба да се измени методологијата за нивно давање. Наместо по површина, да се даваат по класи, односно квалитет и предадено на домашни откупувачи. Во спротивно, многу лесно ќе дојдеме наскоро во ситуација кога ќе немаме домашно производство и целосно ќе зависиме од увоз на храна, истакнуваат домашните преработувачи, предупредија од Стопанската комора. миа

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close