fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Битиќи: Третиот пакет мерки е за нов развој, поддршка добива секој којшто има потреба, ја стимулираме домашната економија  

Третиот пакет економски мерки кој Владата го усвои, има за цел заживување на домашните економски дејности, да ги трансформира и модернизира за да се создадат услови за динамичен раст и нова развојна македонска економија.

Станува збор за директна финансиска поддршка за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, како и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа.

Со третиот столб од овој сет мерки, даваме поддршка за земјоделците за нови приходи од плодната македонска земја, рече на прес конференцијата Фатмир Битиќи советник на премиерот за третиот сет економски мерки.

Со првата мерка од овој столб го поддржуваме аграрниот сектор со 5 милиони евра преку Развојната банка.

Ги поддржуваме микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи.

По ланското субвенционирање од 30% за зелена нафта, преку платежната картичка за субвенционирање на зелена нафта за земјоделците, ја зголемуваме субвенцијата на 50%. Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4.6 милиони евра.

Ќе ги стимулираме преработувачите на грозје за производство на нови продукти.

Преку оваа мерка ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра.

Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор.

Преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извозуваат.

Понатаму, планирано е окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство.

Оваа мерка овозможува ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Од оваа мерка очекуваме приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголемена конкурентност на македонското земјоделство.

Овозможуваме долгорочен закуп на пасиштата со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот.

Преку програмата за финансирање на микро земјоделски компании со 3 милиони евра ќе овозможиме финансирање на Старт ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи.

Преку кредит на Светска банка од 50 милиони евра ќе овозможиме Модернизација на земјоделство со цел зголемување на конкурентноста и профитабилноста.

Вредноста на овој трет сет економски мерки изнесува 355 милиони евра и со него ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Вкупниот влог во новата развојна македонска економија, трите пакети мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5 до 5.5% од БДП.

На крај би сакал да потенцирам дека третиот пакет економски мерки е усогласен со стопанските комори, синдикатите, граѓанските организации, како и поединци експерти на целосно транспарентен и инклузивен процес и верувам дека заедно со ефектите од економските мерки од првите два пакета, создаваат услови за динамичен раст и нова развојна македонска економија, рече Битиќи.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close