Да се задржи сегашната откупна цена на зелката, бараат земјоделците
Во наредните две недели да се задржи откупната цена на пролетната зелка на сегашните 30 денари за да се покријат трошоците и производството да биде рентабилно, побараа земјоделците на денешната средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Според нив, секојдневно треба да се следат откупните цени на зелката на странските пазари, да се прават анализи, а потоа заеднички со откупувачите да се договара откупната цена во интерес на двете страни.
Пролетната зелка во моментов се извезува во Русија, Полска, Романија, Белорусија и Украина. Интересот за откуп е голем, поради што не се очекува вишок.
На состанокот, посебната советничка за земјоделство на премиерот, Ленче Николовска, рече дека состојбата се следи континуирано, но паралелно се работи и на долгорочна стратегија за обезбедување сигурен пласман и на создавање цврсто договорно производство меѓу земјоделците и откупувачите.
– МЗШВ ќе прави неделна анализа на цените на зелката на странските пазари, но и на побарувачката. Состојбата со откупната цена ќе се следи континуирано за навреме да се преземаат мерки, а земјоделците да не трпат ценовни шокови. МЗШВ интензивно работи и на развој на градинарството како земјоделски сектор преку субвенциите за мерките од Програмата за финансиска поддршка и на промоција и отворање нови пазари за македонските земјоделски производи, информираа од Министерството.
За да одржи откупната цена на зелката на задоволително ниво, деновиве ќе се одржи средба и со откупувачите на пролетна зелка.
Состанокот во МЗШВ со производителите е ден по предупредувачкиот протест што се одржа во Муртино.