fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонија

Дали Македонија треба да гради хидроцентрала на Чебрен?

Професорот од Битола, Дејан Трајковски со став

Професорот од Битола, Дејан Трајковски со став околу проектот Чебрен.
Премиерот Мицкоски вчера даде една прилично балансирана и искрена изјава во врска со Професорот од Битола, Дејан Трајковски со став . Најави дека ќе се утврдува дали проектот ќе се реализира со стратешки партнер или државата ќе обезбеди финансирање, но како што нагласи, ќе се пристапи внимателно, односно нема да се влегува наивно во проектот. Радува фактот што, за разлика од претходната власт која носеше самоволни одлуки без консултација со луѓе од струката, овој пат се спремни да вршат консултации, а уште поважно е што оставаат можност за самостојно државно инвестирање во изградбата, како и напуштање на идејата за изградба.
Да ги разгледаме најважните фактори, врз основа на кои треба да се донесе конечната одлука. Беше споменато дека „Чебрен“ пред сé би претставувал дополнителн извор на вода за наводнување на Тиквешко Поле, а дури потоа на него би се гледало како на енергетски објект. Иако е точно дека листата на приоритети за водите од секоја река, па и од Црна Река започнува со водата за пиење, преку наводнувањето, регулација на поплави, па дури на крајот за производство на електрична енергија и туризам, сметам дека во овој случај ние го немаме луксузот на времето и парите за да размислуваме на таков начин.
Со инвестирањето во штетниот и губитнички проект со автопатиштата на Бехтел и Енка, коишто финансиски и го скршија `рбетот на државата, акцентот на сите наши идни инфраструктурни проекти мора да се стави на економската исплатливост, а пред сé профиабилноста и времето за поврат на инвестицијата. Ние повеќе немаме маневарски простор и никакви грешки повеќе не ни се дозволени. Македонија исклучиво мора да инвестира во проекти со брз поврат на инвестициите, односно во енергетски објекти, а идеите за акумулирање вода за наводнување сепак се од второстепено значење. Нивниот поврат е долготраен и неизвесен, така што во овој момент не треба да претставуваат важен или дури пресуден фактор во одлучувањето.
Доколку се согласуваме дека Македонија мора да инвестира во електроенергетски објекти, следното прашање е – во какви објекти. При сегашниот средногодишен проток на вода низ Црна Река кај Расимбегов Мост од околу 16-18 m³/s, пресметките покажуваат дека БЕЗ работа на хидроцентралата во реверзибилен, односно пумпно-акумулационен режим, истата би била неисплатлива, особено во варијантата со гигантската брана „Голем Чебрен“. За ова повеќепати пишувал инж. Јордан Ставров, главниот инженер на проектот Вардарска долина, врз основа на студиите на француската компанија ЕДФ. Моите пресметки и размислувања се на истата линија.
Нам, всушност, најважна и најитна цел треба да ни претставува изградбата на пумпно-акумулациона хидроцентрала (ПАХЕ) за складирање на енергијата од фотонапонските и ветерните електрични централи (ФЕГ и ВЕЦ). Нивната изградба, по единица инсталиран капацитет секако е поевтина од изградбата на хидроелектричните централи (ХЕЦ). Штом е така, како најевтина варијанта за ПАХЕ претставуваат ПАХЕ со мали акумулации од базенски тип на голема висина. Во Македонија уште пред 40-ина години е направена студија, која утврдила 8 оптимални локации за изградба на такви базенски акумулации.
Наместо вградување на 2 милиони кубни метри бетон во браната на „Голем Чебрен“, базенските акумулации можат да се изградат со многу помалку бетон. Звисно од конфигурацијата на теренот, можат да се изградат и само со стотина илјади кубни метри бетон. Бидејќи цената на хидроцентралите во најголема мерка зависи токму од цената на браната, јасно е дека базенските акумулации се патот по кој што треба да се оди, наместо со Голем Чебрен. Освен тоа, времето за изградба од 7 година се намалува на само 3-4 години, а исто така се скратува и периодот за отплата на инвестицијата, поради помалите капитални издатоци (CapEx).
Уште еднаш да подвлечеме, постои поевтин начин за складирање на енергијата од Голем Чебрен и доколку цениме само според овој критериум, истиот не е неопходен.
Да се вратиме повторно на Црна Река, т.е. не само специфично на Чебрен. Изградбата само на Голем Чебрен би била голема грешка, бидејќи тоа би значело само едно парцијално решение, со коешто би останал неискористен голем дел од водениот пад низводно од браната Орлов Камен (веднаш под Голем Чебрен), односно на тој начин практично би се откажале, односно би го запустиле Галиште. Како што покажа студијата на Француската компанија ЕДФ, а со чии заклучоци наполно се согласувам, најлогично е целиот тек на Црна Река да се искористи врз принцип на каскадни хидроцентрали. Со други зборови, одејќи спротиводно од Тиквешко Езеро, би се изградиле браните за акумулациите Галиште (висока 100 m), потоа Чебрен (висока 130 m, наместо 192 m како кај мегаломанскиот Голем Чебрен) и конечно браната за акумулацијата Скочивир (висока 40 м).
Само на тој начин би бил целосно искористен сиот бруто пад на реката, би се изградиле пониски и поевтини брани, а акумулацијата Скочивир би се користела и за наводнување на долна Пелагонија.
Од каде би дошла заштедата во изградбата? Таа доаѓа од непропорционалната зависност помеѓу висината на браната и вградениот бетон. Имено, со намалување на висината од 192 m на 130 m, количеството на бетон се намалува за дури 60% (а не само за 30%), што изразено во пари и време за изградба претставува огромна заштеда. Освен тоа, пониската брана не би била во спротивност со европските директиви за водите и би било полесно да обезбедиме заем.
Трите нови хидроцентрали (Галиште, Чебрен и Скочивир) не би биле реверзибилни, односно наместо пумпно-турбински агрегати од по 330 MW би имале обични турбински агрегати од 50-100 MW, што исто така ја прави изградбата многу поевтина. Понатаму, класичните акумулациони ХЕ (не ПАХЕ) не бараат машинска хала изградена длабоко во карпите, најмалку 30 m под површината на долната акумулација, туку на самата површина, што дополнително ја поевтинува изградбата. Конечно, никаде во светот повеќе не се градат ПАХЕ на постоечки хидроцентрали, бидејќи не е нормално горната акумулација да биде поголема од долната, туку обратно.
Каскадниот систем од 3 акумулации, со помали турбини би бил поевтин и би можел да ги намали инвестициските трошоци, т.е. цената на чинење, иако цената на енергијата би била прилично висока, во секој случај поскапа од енергијата од ФЕЦ и ВЕЦ, иако и тие би барале ПАХЕ за складирање на дел од енергијата. Можеме да ги направиме пресметките, но многу веројатно е дека хидроцентралите на Црна Река, поради бавното враќање на инвестицијата, нема да претставуваат конкурентна алтернатива на ФЕЦ и ВЕЦ, во комбинација со ПАХЕ.
Постои уште еден неповолен фактор, досега малку разгледуван, којшто може засекогаш да му пресуди на проектот за хидроцентрали на Црна Река. Се работи за прогнозираното намалување на количеството на врнежи во регионот на Медитеранот за околу 30% до 2100 година. Ова намалување не претставува само некаква хипотеза, туку е научно втемелена и докажана од страна на Milli et al. (2011) Tsanis et al. (2011). Се работи за влианието на Северноатлантската осцилација на воздушниот притисок (North Atlantic Oscillation – NAO) врз врнежите во овој дел од Европа. Тоа е истиот феномен којшто предизвикува суша и драматично намалување на нивото на Преспанско Езеро, а има врска и со добро познатиот метеоролошки феномен Ел Нињо.
Докажано е дека Северноатлантската осцилација е во вековна и милениумска корелација со врнежите, така што со многу голема сигурност можеме да кажеме дека протекот низ Црна Река драматично ќе се намали до крајот на векот, а со тоа и производството на електрична енергија и профитабилноста на идните потенцијални хидроцентрали. За разлика од нив, ФЕЦ и ВЕЦ не би биле погодени, а особено ВЕЦ, коишто поради поекстремните временски услови дури можеби би имале и поголемо производство.
Врз основа на претходно кажаното, мојата препорака би била да не се гради ништо на Црна Река, освен евентуално една мала брана кај Скочивир заради идно водоснабдување на Пелагонија и евентуално за речен туризам, т.е. кајак, кану и веслање. За жал, поради финансикото промашување со автоапатиштата би морале да се откажеме од еден толку чист и благороден извор на енергија, како што е хидроенергијата. Од перспектива на финансиски безизлез, мораме да се ограничиме само да брзоповратни инвестиции.
Доколку Владата сепак се одлучи за изградба, државата мора да биде инвеститорот, обезбедувајќи заем за изградба. Ова е пред сé важно економско прашање за државата која досега не сакала домаќински да стопанисува заради полнење на државниот буџет, туку обратно – непродуктивно трошела и се потпирала на задолжување за покривање на буџетскиот дефицит..
Најважна и најитна инвестиција би требало да биде изградбата на една или две пумпно-акумулациони хидроелектрични централи со мали акумулации од базенски тип, без кои понатамошната изградба на фотонапонски и ветерни електрични централи не би имала смисла. Тоа мораме да го започнеме веднаш.
Паралелно треба да се започне со образување во странство на стручен кадар за нуклеарна енергетика, за да можеме после 10-15 години да започнеме со изградба и на мали нуклеарни централи, базирани на мали модуларни реактори (SMR). Само на тој начин би можеле да извршиме вистинска Зелена транзиција кон искористувањето на „зелена“ енергија.
================
На сликата: поглед на Црна Река од Расимбегов мост
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close