Дали на бранот на зголемување на цените некои се обидуваат да заработат повеќе?
Граѓаните се жалат дека цените на одредени производи несразмерно се зголемуваат и дека за едни исти производи да има драстично различни цени
Бранот на зголемување на цените сѐ повеќе зема замав и веќе не е ограничен само на енергентите и на прехранбените производи, туку поскапува буквално сѐ. Најновите статистички податоци покажаа дека Македонија влезе во зоната на двоцифрена инфлација – таа во април достигна 10,5 отсто на годишно ниво, а само за еден месец трошоците на животот се зголемиле за 2,2 отсто во споредба со март. Колку е поскапена живејачката покажа и вредноста на Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство која за април изнесува 38.104 денари, за 1.337 денари, односно за 3,63 проценти повеќе во однос на март, или за 4.128 денари, односно 12,14 проценти повеќе од истиот месец лани, пишува Независен.
Народната банка веќе реагираше, зголемувајќи ја основната каматна стапка втор пат по ред во изминатите две месеци, па така сега таа изнесува 1,75 отсто. Од соопштението од седницата на Комитетот за монетарна стабилност на НБ, произлегува дека централната банка нема да се воздржува од натамошно затегање на монетарната политика, доколку е потребно, со цел да ја исполни нејзината основна задача – а тоа е одржување на ценовната стабилност и стабилноста на домашната валута – денарот.
Ваквите мерки во основа значат поскапување на цената на парите, односно на кредитите, што ќе влијае и врз потрошувачката, а со тоа и на цените.
Од друга страна инфлацијата е предизвик и за фискалната политика која е во доменот на Владата.
„Економскиот тим на Владата постојано ја следи состојбата со економската криза на глобално ниво и презема мерки за одржување на стандардот на граѓаните. Инфлацијата кај нас е под влијание на светските трендови, но Владата ќе одговори на начин како што се справуваше и до сега. Имавме неколку пакети мерки и одлуки кои што дадоа резултат, а имаа за цел поддршка на граѓаните и на стопанството“, вели владиниот портпарол Мухамед Хоџа, во одговор на прашањето на „Независен“, какви мерки предвидува Владата за нејзиното сузбивање и за заштита на граѓаните од сѐ повисоките цени.https://nezavisen.mk/dali-na-branot-na-zgolemuvanje-na-cenite-nekoi-se-obiduvaat-da-zarabotat-povekje/