fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Дејвид Велков-Државата мора да има поголема соработка со земјоделецот

Потребна е модернизација на земјоделството, да прерасне целокупното производство од класично екстензивно производство во современо интензивно производство, вели младиот земјоделец.

Дејвид Велков е 24 годишен млад земјоделец од селото Стрмош-Пробиштип. Со земјоделие се занимава од најрана возраст, како аманет оставен од своите предци. Земјоделието го работи заедно со својот татко којшто е носител на семејното стопанство. Во работата им помагаат и останатите членови од семејството, брат му, мајка му, двете баби и дедо му. А, како што вели младиот Велков кога имаат поголема потреба од помош за некоја работа им помагаат и пријателите. Велков е образован млад човек, апсолвент на Земјоделскиот факултет во Штип и е пред дипломирање. Од неодамна почна да работи и да го учи занаетот за заштита и прихрана на земјоделските култури во земјоделска аптека.

Велкови обработуваат околу 25 хектари земја, половина од тоа околу 12 хектари е посеано со житни култури, пченица, јачмен и тритикале. Исто така имаат насад со лешници и сливи на површина од 2 хектари, останатиот дел е со пченка, луцерка, синап и компири. Младиот Велков вели дека цената на житариците е ниска, односно цената секоја година се движи на исто ниво, додека на се друго цените растат, затоа житото коешто го произведуваат го користат за сопствени потреби, за исхрана на фармата со свињи и крави. Од сточна храна произведуваат јачмен, пченица, тритикале, пченка и луцерка.

-Одгледуваме 10 крави, сортите се мешани источно фризерки и сименталци,  телињата во зависност од сортата ги товиме или ги продаваме мали. Во одгледувањето на кравите ни помагаат дедо ми и баба ми. Млекото го даваме во „Осогово милк“ во Соколарци, цената како и насекаде низ Македонија не е задоволителна, но сепак исплатата е редовна и се надеваме на зголемување на откупната цена. Исто така одгледуваме свињи за товење, имаме 6 маторици, најголем дел од прасињата ги чуваме за гоење со тежина од 100 до120 кг, а помал дел од нив ги продаваме мали, вели младиот Велков.

Пандемијата ја нагласи потребата од храна и неопходноста од земјоделието и домашното производство, смета младиот Велков, додавајќи дека со добро менаџирање, упорност и применување на нови и професионални методи, земјоделието може да прерасне во успешен бизнис.

-Земјоделието бара напорна работа од утро до мрак, затоа за да работи некој земјоделие мора да го сака тоа што го работи и да ужива во својата работа. Сегашнава ситуација со пандемијата ја нагласи потребата од храна и неопходноста од земјоделието и домашното производство, додека секаде околу нас луѓе остануваат без работа, фирми се затвораат, во земјоделието нема промени, се работи напорно како и пред пандемијата. Можеби покрај кампањите за купување на домашни производи земјоделецот ќе почне да се вреднува и цени, како неговиот труд така и производите. Земјоделието е фабрика на отворено и иако се среќаваат многу проблеми и предизвици во оваа работа со добро менаџирање, упорност и применување на нови и професионални методи може да прерасне во успешен бизнис. Потребно е непрекинато едуцирање и надградување на нашето знаење за да можеме да успееме да ги постигнеме посакуваните цели, смета Дејвид.

Младиот земјоделец веќе има став што е она што треба да го промени државата за да ја подобри состојбата во земјоделството.

-Потребна е долгорочна национална стратегија и поголема соработка помеѓу државата и земјоделецот. Потребни се откупни центри и загарантирана минимална цена за да можеме однапред да планираме на кои култури да се ориентираме. Многу е потребно редовно да се одржуваат едукативни семинари за да можат земјоделците да бидат информирани за сите нови иновации и новитети во оваа област и на кои начин да се применува сето тоа кај нас. Потребна е модернизација на земјоделството, да прерасне целокупното производство од класично екстензивно производство во современо интензивно производство, вели тој.

Високите трошоци за одгледување и несигурниот пласман на производите направија земјоделците наместо да инвестираат субвенциите да ги користат за покривање на своите трошоци и преживување до следната сезона, смета нашиот земјоделец.

-Мислам дека веќе е регулиран тој процес како треба да се делат субвенциите, за разлика од почетокот кога почнаа да ги даваат субвенциите. Оваа помош за земјоделците е многу важна и неопходна, но сепак не дава резултати од причина што е ниска откупната цена на производите, а високи се трошоци за одгледување, па несигурниот пласман направи земјоделците субвенциите да ги користат за покривање на своите трошоци и преживување до следната сезона, а не да инвестираат и да го зголемуваат своето производство како што е и целта на оваа помош, рече Велков.

Како млад земјоделец аплицирал за мерката „Млад земјоделец“ пред три години, барањето му било одобрено. Проектот го подготвил за подигнување на овошен насад со лешници на површина од 15 декари, па купил и нов трактор и фреза. Сепак на младите од руралните средини им порачува да се охрабрат и да почнат да се занимаваат со земјоделие.

-Кај нас се уште преовладуваат стереотипи за луѓето што живеат во село и работат земјоделие. Луѓето треба да разберат дека оваа работа треба да се цени и вреднува подеднакво со другите, дури и повеќе бидејќи земјоделците произведуваат храна, нешто што е неопходно за сите нас независно од нашата професија. Колку и да изгледа тешко и напорно оваа работа е многу благородна и убава. Ги охрабрувам младите луѓе да почнат да се занимаваат со земјоделие, за почеток додека навлезат во професијата доволно е за свои потреби за започнат со една градина или мал овоштарник, да имаат, а потоа и професионално да навлезат во оваа работа, порачува Велков.

Сепак и во Стрмош на прсти се бројат младите земјоделци, и не само во неговото село туку во целата држава, зошто како што вели Дејвид  младите слушајќи ги проблемите и напорната работа којашто ја имаат земјоделците ја избегнуваат и не се пронаоѓаат во оваа работа, па најчесто одат во поголемите градови или надвор од државата барајќи подобра иднина.

Во селото Стрмош повеќето од жителите се повозрасни луѓе, но има и млади од коишто многу мал дел се занимаваат со земјоделие.

Селото Стрмош се наоѓа на 3 километри од Пробиштип, поврзано е со асфалтен пат со градот и  ги има сите потребни услови за пристоен живот. Селото брои околу 200 жители, најголем дел од нив работат во градот. Дел од нив се занимаваат со земјоделието како дополнителна работа. За разлика од пред 10 години обработливото земјоделско земјиште е намалено за повеќе од 50% во овој регион. Сточарството во последните години тешко опстојува, во селото веќе неколку години нема овци и кози, а крави и свињи одгледуваат само семејството Велкови и уште неколку други сточари.

-Нашите планови за во иднина се проширување на семејното стопанство преку зголемување на обработливата површина, конкретно во полјоделството и овоштарството. Исто така во план сме да градиме поголема и модерна фарма за тов на свињи, со сите стандарди за квалитет и хигиена. Се надеваме дека и преку инструментите на ИПАРД програмата ќе можеме да добиеме помош за развој на нашата фарма, вели младиот Велков чие семејно стопанство веќе поседува  механизација имаат два трактори, ИМТ 577 и Солис 50, два комбајни Змај 133 и сета потребна приклучна механизација.

 

-Сакаме во скоро време да ја обновиме нашата механизација, да земеме нов поголем трактор и комбајн за да можеме за побрзо време и со помали трошоци да ја извршуваме работата, раскажува за плановите младиот успешен земјоделец Дејвид.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close