
Димитар Лозевски – Со антифрост систем ги штитиме овошките од пролетните мразеви
Преспанските овоштари допрва ќе ги утврдуваат штетите од мразот.
Тешка е состојбата со штетите од пролетните мразеви врз овоштарниците во Преспа по врнежите од снег во неделата. Штетите допрва ќе се утврдуваат, но моментално преспани излегуваат со штета од пролетните мразеви над 80 проценти. Најпогодени се атарите на селата од Стење, ците села под Галичица до Крушје. Од Златари, Сопотско кон битолско и селата под Пелистер – Подмочани, Раица, Сливница, Крани…
Димитар Лозевски(37) е млад земјоделец од Преспа кој на дел од овоштарниците во село Евла постави инвестиција од антифрост систем и годинава како што вели го искористи системот со цел капацитет за да ги заштити јаболкниците од измрзнување.
Инвестицијата ја поставил пред 5 години, но оваа година со снегот што завршна пред три дена ја стави во функција и вели дека надева дека ќе помогни да се намалат штетите. Што спасил ќе се знае кога ќе се стопи мразот и снегот.
Лозевски има овоштарници на 3 и пол хектари под јаболка од сортите ајдарет, црвен делишес, муцо , златен делишес и чадел. Антифрос системот е поставен на површина од 1 хектар на три различни парцели и различни сорти.
„Антифрост системот е распрскување со посебни прскачи што се ставени на висина над овошните дрвја, и распрскува чиста вода. Потребно е да се активира системот кога температурата ќе биде барем еден степен над нулата, а прогнозите ќе даваат сигнали дека ќе следуваат негативни температура. Значи делуваме превентивно. Откако ќе замрзи снегот не престануваме со распрскување на водата, бидејќи самата вода треба да ги стопи мразот и снегот по природен пат. Од неделата кога наврна снег без прекин е вклучен системот и се надеваме дека ќе зачуваме добар дел од папката за да имаме плод“, вели Лозевски за Зелена берза.
Антифрост системот не е голема инвестиција, вели овоштарот, но земјоделците не се запознати со придобивките од него.
„На овоштарите им треба едукација како да го превенираат измрзнувањето на овошките оти овој систем е единствена надеж да се спаси родот од пролетни мразеви. Во зимските денови нема потреба од негова примена. Повозрасните овоштари имаат скепса кој овој систем, но ситуацијата од овој април би требало да ги разубеди во спротивното, дека системот е инвестиција што се исплаќа“, рече Лозевски.
Лозевски годишно во просек произведува 150 тони јаболка.
Овоштари од Преспа традиционално за заштита на овошките од пролетниот мраз користат хемиски препарати, но тие чинат многу пари а нема ефект во овоштарниците.
Системот антифрост се користи ширум Европа, во Србија, Хрватска, Полска и тоа не само за заштита на јаболкови насади, туку и за насади од праска, слива, цреша.
Анета Блажевска за Зелена берза