Димковски во Штип: Преку ХС Злетовица, жителите од североисточниот регион ќе имаат навремено снабдување со чиста вода за пиење
Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, ја посетија пречистителната станица за вода која се наоѓа во населеното место Баби. Проектираниот капацитет на филтер станицата во Штип за преработка на сирова вода од хидросистемот Злетовица е 500 литри во секунда. До сега не беше возможно овој капацитет целосно да се исполни, поради променливата количина на вода со која Штип се снабдуваше од околу седумдесет бунари. Количината на вода не е стабилна и постојано варира, а особено е проблематичен летниот период, кога Штип се соочување со недостиг од чиста вода за пиење.
„Отворен е јавниот оглас за избор на изведувач за пречистителната станица за вода за пиење во Штип, којашто ќе биде поврзана со хидросистемот Злетовица, каде што имаме изградено систем од порано но не е во функција.На 5-ти фервруари се затвора повикот, ќе се разгледаат понудите и многу брзо ќе се започне со градежните активности бидејќи парите се веќе обезбедени од МЗШВ. Во Карбиници е избран изведувачот, каде што ќе се почне со работа и вредноста е околу 85 милиони денари, а за пречистителната станица во Штип вредноста е околу 295 милиони денари за догорадба на станицата со најсовремена технологија“, изјави министерот Димковски.
При тоа, Димковски посочи дека до крајот на 2020 година, Општина Штип целосно да се приклучи кон Хидросистем Злетовица.
Во штипскиот регион, исто така, во завршна фаза е и изборот на најповолен понудувач за изградба и надзор над изведба на прочистителна станица во Карбинци. Во текот на 2020 година, ќе се објави тендер за изградба на прочистителна станица за Лозово.
До крајот на 2020 година, предвидено е да се изградат и цевководи и пристапни патишта до пречистителните станици за Карбинци и Лозово.
Со сите овие активности се завршува првата фаза од Проектот ХС Злетовица, за кој државата има обезбедено буџет од 5 милиони евра. Со овој капитален проект ќе се овозможи континуирано и стабилно водоснабдување на околу 100 000 жители од овој регион (Пробиштип, Свети Николе, Штип, Карбинци и Лозово). Со ова ќе се реши лошата состојба со водоснабдувањето со питка вода во североисточниот дел на нашата држава.
Проектот Хидросистем Злетовица, понатаму продолжува со Втора и Трета фаза кои се наменети за изградба на систем за наводнување на околу 3.500 хектари обработливо земјоделско земјиште во регионот на Пробиштип (Втора фаза) и изградба на мали хидроелектрични централи (Трета фаза).
Хидросистемот Злетовица е повеќенаменски (водоснабдување, наводнување и енергетика) и се смета за проект од врвен национален интерес, информираат од МЗШВ