До крајот на јули оризарите да ја предадат арпата кај откупувачите
До крајот на јули оризопроизводителите имаат рок да го предадат оризот во откупните центри, за да земат дополнителни субвенции од државата.
Со новата мерка земјоделците кои имаат пријавено земјиште до 2 хектари на кое одгледуваат оризова арпа ќе добијат 5 денари дополнителна субвенција за предаден килограм кај откупувачите. Земјоделците со земјиште од 2 до 10 хектари имаат право на субвенција од 4 денари за килограм, а производителите со пријавено земјиште над 10 хектари на кое одгледуваат ориз ќе добијат по три денари за килограм.
Одлуката арпата да се предаде до крајот на месецот е со цел да се продадат количините останати од минатогодишната реколта.
Оризопроизводителите по предавањето на залихите, со целата документација до крајот на август треба да се пријават во подрачната единица на Министерството за земјоделство и да аплицираат за добивање на дополнителни субвенции за откупена оризова арпа.