fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Додека се обновува патот Битола-Меџитлија стана опасен за движење

Во последниве две недели имаше низа сообраќајки и една жртва. Времената сигнализација малкумина ја почитуваат, дозволената брзина е 30 км на час

БИТОЛА – Рехабилитацијата на патот Битола-граничен премин Меџитлија уште не завршена однесе една жртва во последните две недели, а брои уште неколку сообраќајки. Обновата на патот која битолчани ја чекаа речиси четири децении, сега се споменува по трагични вести и сообраќајки (четири во последниве две недели), па битолчани на социјалните мрежи предупредуваат на опасностите на патот и бараат од надлежните час поскоро да биде комплетирана изградбата.

Од увидот на терен може да се забележи дека на некои места патот нема втор слој на асфалт, а рабниците се недоправени и стрмни. Од Јавното претпријатие за државни патишта предупредуваат дека за време на рехабилитација важи времен сообраќаен режим што значи брзината на патот да биде прилагодена на 30 километри на час.

Пред десет дена, 42-годишен битолчанец загина во сообраќајна несреќа вечерта околу 21.40 часот на овој пат во близина на крстосницата со патот за селото Породин.

Според СВР Битола до несреќата дошло кога патничко моторно возило „рено клио“ со битолски регистарски ознаки, управувано од жител на битолското село Кравари, излетало надвор од коловозот. Од здобиените повреди на лице место починал возачот. Се зборува дека возачот бил вработен во германската автомобилска компанија „Кромберг и Шуберт“ и дека одел на работа во ноќна смена. Наводно и во другите сообраќајќи со помали штети исто така имало вработени во фабриката. Од СВР Битола потврдуваа дека се случиле и други сообраќајки на патот – две со потешки, а две со полесни повреди.

Граѓани од Битола веќе алармираат на социјалните мрежи за опасностите на патот.

„Внимавајте кај клучката за село Породин на патот Битола-Меџитлија има возвишение од новиот слој на асфалт и е одлично скокче за во шамаците од десна страна. Вечерва, пак, имаше незгода за среќа без материјална штета и последици. Пред една недела на истото место имаше и смртен случај. Возете нормално и според условите на патот ова се пет, шест или повеќе незгоди на ова место. Апел до надлежните подобро да ја обележат и осветлат со трепкачи ова црна точка“,пишуваат граѓани на социјалните мрежи.

Рехабилитацијата на патот е на повеќе од 12 километри и тој е регионален пат што нѐ поврзува со Грција, има поголема фреквенција со оглед на граничниот премин и ИЗ „Жабени“ каде има и други фабрики освен фабриката „Кромберг и Шуберт“.

Надлежните велат дека очекувањата се патот да биде завршен до крајот на октомври, а дотогаш на патот важи времена сигнализација. На поголем дел од патот е поставен првиот слој на асфалтот и во завршна фаза е и вториот слој.

Првиот човек на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, во изјава за „Независен“ предупредува дека патот е во рехабилитација која ќе трае до крајот на октомври, па од таму предупредува возачите да се придржуваат на сообраќајните значи поставени на патот и да не возат побрзо од дозволеното.

„Патот Битола-Меџитлија е во фаза на рехабилитација, тоа значи дека има сигнализација која е посебен режим на сообраќај. Дури да заврши обновата и дури да се направи технички прием на патот нема да биде поставена трајна сигнализација. Тоа би значело дека до крајот на октомври ќе важи времената сигнализација. Во момент кога има рехабилитација значи дека владеењето на тој пат е кај изведувачот и има времен режим кој е одобрен од МВР и Министерството за транспорт и врски. Таму имаме посебна сигнализација каде брзината на возење е на 30 километри на час. Има места каде што нема втор слој на асфалт и сега се поставува, токму заради тоа и заради не завршениот пат кој треба да комплетира и по краевите не смее да се вози над дозволената брзина. Ако се вози по пропис нема да дојде до сообраќајки“, порачува Рустеми.

Според него, откако ќе заврши обновата на патот ќе се направи технички прием и ќе биде поставена трајна сигнализација на патот.

Патот го гради ГП „Пелагонија“, се финансира од ЕБОР и вложени се 3,27 милиони евра.

На почетокот на септември министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми извршија увид на патот и текот на асфалтирањето. Според нив интензитетот на работите на овој пат се одвива според планираната динамика.

А. Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close