fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Доделени грантовите до 6000 евра за мерката Рурална жена

Николовски: Остваривме уште едно ветување кон руралните жени

Денеска, во просториите на Клубот на пратеници, беа доделени договорите на жените земјоделки, добитнички на грант до 6000 евра, од вториот јавен повик за мерката 115 „Поддршка на активен женски член на земјоделско стопанство“ позната како мерка „Рурална жена“.

„Денеска остваривме уште едно ветување. Рековме дека ќе им бидеме силна поддршка на жените земјоделки, кои работат и создаваат во руралните средини, онаму каде им е домот и семејството. Како институција, нашето активно залагање за родовата еднаквост со поголема сериозност започна од потпишувањето на Декларацијата за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини во 2019 година, каде Министерството се заложи за отворено партнерство со чинителите при креирањето на политиките. Истата година Министерството потпиша Меморандум за соработка со UNWomen, од каде произлезе формирањето на посебна Работна група составена од повеќе претставници на различни државни и научно-образовни институции и земјоделски здруженија. Досега за оваа мерка беа објавени два јавни повици, а интересот кој го покажаа жените земјоделки е потврда дека мерката ја постигнала својата цел“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. 

Првиот јавен повик беше реализиран минатата година, со доделени договори за грант во износ до 3000 евра, за 250 жени регистрирани како носители на земјоделско стопанство.

„Од нив, според податоците од Платежната агенција, 135 апликанти ја реазлизирале инвестицијата, а кон 103 Платежната веќе ги има исплатено средствата во износ од 15 милиони денари, во форма на неповратни грантови со кои се покрива 100% од направените трошоци“. Овде би сакал да напоменам, дека интересот за првиот повик за мерката Рурална жена ги надмина нашите очекувања, па затоа првично планираните средства за 100 договори, не беа доволни поради што Министерството успеа да обезбеди дополнителни средства, за да може сите жени кои аплицирале и при тоа ги исполниле условите, да ја добијат финансиска поддршка. Со ова се овозможи наместо 100 апликантки, грант да добијат вкупно 250 жени земјоделки“ посочи директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски.

Успехот на мерката и интересот кој го покажаа жените земјоделки, а со тоа искажаа огромна доверба кон Министерството, беше мотив со вториот јавен повик, поддршката да ja зголемиме двојно повеќе, односно од 3000 на 6000 евра.

„Денеска сме овде сите заедно, за да сведочиме на новоит успех, потпишани нови 70 договори, од вториот јавен повик кои лично ќе ги врачиме.  Со вториот јавен повик за мерката, предност им дадовме на жените земјоделки регистрирани согласно Закон за вршење земјоделска дејност и Закон за ПИО. Со ова фокусот го ставивме на поддршката на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност. На повикот аплицираа вкупно 132 жени земјоделки. Од нив, 70 ги исполнија условите и одобрен им е грант во вредност до 6000 евра по корисник“ рече Николовски. 

Со средствата од грантот, жените земјоделки можат да набавуваат опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, молзачки, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и останата преработувачка   опрема, со што ќе можат да развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија и тоа токму во руралните средини.

Најголем интерес има за набавка на опрема за фарми и за винарии како и за производство на мед, маџун, преработка и сушење на овошје и зеленчук.

„Особено ме радува што помеѓу апликантките има и апликации за набавка на соларни сушари на овошје и зеленчук, нешто што е современо решение со оглед на енергетската криза, а истовремено е потврда дека со помош на мерките и политиките на министерството, се развива и модернизира земјоделското производство“ потенцираше Николовски и ги поттикна  жените земјоделки да ги искористат и другите мерки од програмите на Министерството.

Новата Програма за поддршка на малите производители на храна, овозможува грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и директна продажба, преку која се очекува да се поттикне развој на нови 2000 производители. Оваа програма се воведува за прв пат и претставува директна поддршка за земјоделците кои своето производство сакаат да го пласираат на пазарот по принципот на продажба од праг или од фарма. Жените земјоделки ќе можат да аплицираат и за новата мерка за бизнис план од Програмата за рурален развој, со што им се овозможува да достават сопствен бизнис план преку отворен јавен повик кој ќе трае преку целата година. Исто така, за земјоделците од мал обем, новиот модел на субвенционирање предвидува поддршка до 40.000 денари без услов за предавање на производството.

Договорите за грант беа доделени од страна на министерот Николовски, државниот секретар Исмаили и директорот на Платежната агенција, Бачовски.

Заедничката порака упатена кон руралните жени е тие да продолжат да бидат храбри, да имаат идеи за бизнис, да аплицираат, а институциите  повторно ќе го реализираат ветувањето.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close