fbpx
ВестиВкусот на традицијата

Доделување на наградите од фото – конкурсот „Вики ја сака храната”

Во Скопје денеска ќе бидат доделени наградите од конкурсот за фотографија „Вики ја сака храната” што го организира Википедија на македонски јазик.

Како што стои на фејсбук страницата на „Вики ја сака храната”, стручното жири оценило дека победнички се фотографиите „Зелник со праз“ од Наташа Величковска, „Зелник со праз“ од Цуклев, „Свински колбаси и ражничи на скара“ од Мила Атковска  и „Ѓевреци домашни“ од Робссмк.

„Вики ја сака храната” траеше од 1 до 30 ноември 2017, а темата беше „Македонска кујна“. Пристигнаа 904 фотографии на 67 натпреварувачи меѓу кои професионални фотографи, готвачи, домаќинки, гурмани, ентузијасти,…. Од нив, 54 влегоа во потесниот круг за четирите главни награди во иснос од 400, 300, 200 и 100 евра.

На завршниот настан, покрај доделување на наградите и изложба на десетте најдобри фотографии, ќе има и закуска од највкусните македонски јадења и специјалитети подготвена во соработка со Слоу Фуд Водно.

Слоу Фуд Водно и „Вики ја сака храната” воедно ќе потпишат меморандум за соработка.

– Соработката со „Вики ја сака храната“ произлезе како реална потреба. Дел од нашиот тим учествува во официјалната жири комисија. Чинот на доделување на наградите одлучивме да го реализираме како заеднички настан. Тоа е нашиот начин на демонстрирање на различноста и филозофијата на Слоу Фуд за добра, чиста и фер храна за заедниците, медиумите и носителите на одлуки, вели претседателот на Слоу Фуд Водно, Василка Стефановска.

Според Стефановска, Слоу Фуд Водно со ова практично се приклучува кон одбележувањето на Денот на Тера Мадре кој во светски рамки ја промовира разновидноста на традициите и производството на храна. Вообичаено, одбележувањето е на 10 декември, но, овојпат, од технички причини се организира со извесно задоцнување.

„Вики ја сака храната“ или Wiki Loves Food (WLF) е првпат организиран во 2015 година од страна на Википедија Индија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close