fbpx
Вести

Доматите во Струмица „поцрвенеа“ од скапотија

„Поцрвенеа“ струмичките домати. Но, не од сонце, туку од високите цени. На пазарите на мало во Струмица доматите се продаваат дури по 70 денари за килограм. На таквите високи цени реагираат потрошувачите кои велат дека по овие цени доматите се продаваа во зима, а не на почетокот на август.

domatite vo strumica pocrvenea od skapotija

 

„Не знаеме кој ги ’ѕида‘ високите цени на доматите, но тоа не било никогаш. Лани во овој период доматите се продаваа по 20-30 денари за килограм, а сега повеќе од едно евро. Згора на тоа, поголем дел од нив имаат зелена дршка, цврст дел во средината и воопшто не се вкусни за јадење. Во зима имаше поевтини и поубави домати“, велат купувачи на пазарот во ТЦ „Глобал“ во Струмица.

Според земјоделците, високите цени на доматите се должат на намалените површини засеани со оваа градинарска култура, кои во споредба со лани се намалени меѓу 30 и 50 отсто.

„Поголем дел од градинарите ги засадија површините под домати со пиперка од сортата куртовска капија, или попозната како ајварка. Во споредба со доматите, за нејзино производство треба многу помалку вложување и работа. Тоа е една од причините за намалување на површините со доматите и нивната висока цена“, објаснува Ванчо Митев од Здружението „Еко-градинар“ од село Добрејци.

Според Сојузот на синдикат на земјоделци од Струмица, варијабилните цени на градинарските производи до година во година се должат на немањето генерална стратегија во земјоделството и непланското производство.

„Лани, на почетокот на август доматите се откупуваа за 6 денари за килограм, а сега по 30 денари. Тоа се должи на намаленото производство, бидејќи земјоделците ’изгорени‘ од ланските ниски откупни цени драстично ги намалија површините засеани со домати и тоа како на отворено, така и под пластеници“, вели Ристо Велков, претседател на овој синдикат.

Тој додава дека од година во година се намалува и бројот на земјоделците поради заминувањето на младите во странство.

„Од година во година се’ повеќе млади ги напуштаат селата и заминуваат на печалба во западноевропските земји. Тоа е тренд што трае повеќе години и според нашите согледувања, поради тоа цените на градинарските култури, особено на доматите, вртоглаво ќе растат“, вели Велков.

Инаку, варираат откупните цени и на другите градинарски култури во Струмичко. Таков е случајот со краставицата, која се откупува од 5 до 20 денари за килограм, со пиперките кои се од 10-20 денари, зелените пиперки од сортата куртовска капија од 18 до 20 денари за килограм. И цената на лубениците деновиве бележи намалување. Тие се откупуваат од 3 до 5 денари за килограм.

Земјоделците се задоволни од објавувањето на неделните откупни цени од страна на откупувачите, што беа воведени неодамна со измени на законското решение. Но, велат дека се откупуваат многу мали количини, кои најчесто се комбинираат за потребите на купувачите и на едно место се извезуваат и зеленчук и овошје.

Исто така, земјоделците не го кријат своето задоволство од објавените откупни цени на културите за преработувачките капацитети, но предупредуваат дека треба да бидат познати и количините кои ќе бидат откупени.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close