До денеска, Управата за јавни приходи има реализирано поврат на персонален данок на доход за 16.100 земјоделци во вкупен износ од 76. 745. 269 денари, за приходи остварени од продажба на сопствени земјоделски производи во текот на 2018 година.
Со измените во Законот за персонален данок на доход, право на поврат на персонален данок на доход остваруваат земјоделците на кои земјоделството им е основна дејност, немаат остварено приходи по друг основ, односно кои оствариле приходи единствено од продажба на земјоделски производи до 1 милион денари, не се ДДВ обврзници, не се во работен однос и не остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа.
Според првичните податоци од евиденциите на УЈП и министерството за земјоделство, правото на поврат на персонален данок од доход го остваруваат околу 17.000 земјоделци.
На почетокот на 2018 година, Владата на Република Северна Македонија го измени Законот за персонален данок на доход, со што се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходните 300.000 денари на 1.000.000 денари. Дополнително со законските измени значително се поедноставија даночните постапки за земјоделците, како поднесување на барања за регистрација и плаќање на административни такси.