Се предлага воведување неделна откупна цена на доматите

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Воведување неделни откупни цени преку законска измена за да се спречат манипулациите на трговците предложил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на средбата со струмичките градинари.

se predlaga voveduvanje nedelna otkupna cena na domatite

 

Како што соопшти МЗШВ, Цветков информирал и дека ќе биде разгледан предлогот за субвенционирање на предаден домат во период кога има ниска откупна цена.

Тој предочил дека Македонија како членка на ЦЕФТА и на други меѓународни организации не може да воведе забрана за увоз на домати од Албанија, Турција и од Грција без да има последици и санкции врз вкупната трговска размена со овие земји.

Производителите добија уверување дека властите ќе направат подетални анализи за состојбата. Ресорниот министер на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трифуновски ги увери земјоделците дека ќе испратат информација до Владата за барањето за ослободување од плаќање даноци, односно оданочување само на добивката, но не и на обртните средства велат во Министерството за земјоделство.

На средбата со земјоделците од селото Куклиш, кои во вторникот го блокираа градот поради состојбата со откупот на раноградинарските производи, Трифуновски нагласил дека покрај засилените и ненајавени контроли и на граничните премини и на внатрешниот пазар, инспекторатот во секој момент им стои на располагање за контрола на секоја неправилност преку бесплатната телефонска линија 080011000.

Идната недела во Министерството за земјоделство ќе се одржи заеднички состанок со поголемите производители на земјоделски производи, откупувачи и преработувачи на зеленчук на кој ќе се разговара за сите прашања, а пред се за навремено потпишување договори за откуп со дефинирани цени по класи и производи.

Share Button