Досегашната искористеност на ИПАРД програмата е 15%
На истекот на првиот циклус на ИПАРД, програма на Европската Унија наменета за земјоделство и рурален развој, Македонија успеа да искористи само 15% од вкупно 80 милиони евра кои ни стоеја на располагање. Ова го изјави Билјана Вуковиќ, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, институција е која надлежна за реализација на програмата.
Досега Агенцијата има исплатено 8 милиони евра. Склучени се над 800 договори, а ислатени се 570 договори. До крајот на програмскиот период се очекува склучување на уште 400 договори во вредност од околу 4 милиони евра.
Вуковиќ на вчерашната промоција на ИПАРД инвестицијата „тешка“ 30 милиони денари во винарската визба „Тиквеш“ изјави дека овоштарството и лозарството се двата најуспешни сектори во досегашното искористување на ИПАРД од причина што досега мерката за набавка на механизација преку оваа програма беше дозволена само за овие два сектори. Недоволна искористност на средствата Вуковиќ констатира кај мерката 103 наменети за преработувачките капацитети.
“Според мое мислење оваа мерка има најголем потенцијал затоа што се однесува на преработувачите на овошје и зеленчук, млеко и месо, откупните центри и други и се надевам во следниот период ќе имаме поголем успех“, вели таа.
Подобрување на условите и проширување на опсегот за користење на ИПАРД ќе има во вториот програмски период (2014-2020), кој се очекува да започне оваа есен. И во новиот циклус на програмата, за Македонија се предвидени 80 милиони евра. Во вториот програмски цискус има подобрување на условите за користење на програмата како во однос на сумите , така и во однос на условите. Лимитите за преработувачките капацитети, кои досега беа пречка за аплицирање, веќе нема да постојат за оние кои сакаат да користат средства за набавка на механизација.
Сите заинтересирани апликанти, кои не можат да си дозволат стручна помош за аплицирање за ИПАРД во иднина ќе имаат дополнителна, бесплатна консултантска помош, покрај онаа која сега ја имаат од Агенцијата за поддршка на земјоделството. Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство користи ИПА проект кој ќе резултира со формирање на т.н, „шалтери за консултантски услуги“ кои ќе им бидат бесплатни и достапни на сите кои сакаат да аплицираат за ИПАРД.
Мерката за рурална инфраструктура, пак, е во фаза на финална акредитација и директорката Вуковиќ очекува оваа мерка, за која ќе можат да аплицираат македонските општини, да биде оперативна од почеток на 2017 година. На општините ќе им бидат на располагање 12 милиони евра за рурална инфраструктура.