Дождот причина за расадувањето на тутунот во пелагонискиот крај.
Дождот е добредојден за житните култури, пченицата, јачменот, пченката и за градинарските култури. По долгиот сушен период влагата добро ќе влијае врз развојот на житарките и земјоделците ќе може да се надеваат на добар род, велат стручните лица.
Од друга страна последните дождови ги попречија тутунопроизводителите во садењето на тутунот. Само што започнаа со садење беа принудени да запрат со садењето.
-Навистина требаше дожд да заврни,оти земјата беше сува. Но еве и вие може да видите, откорнавме расад, но не можеме сега да садиме, времето не ни помага. Расадот е ставен во овие сергии и вака може да остане неколку дена. Ако продолжи да врне не ќе можеме да влеземе во нивата и подолго од 4 дена, објаснува Реџеп Алиоски од с. Мусинци општина Новаци. Слична е состојбата и во останатите села низ Пелагонија.
Засега имаат принуден застој, но сепак се надеваат дека се’ ќе помине добро и ќе може да ги реализираат плановите. Реџеп заедно со членовите на своето семејство тутунот го сади машински. На самиот почеток е од садењето. Оваа година планира да го ги прошири површините под тутун и да насади 13 погони со оваа култура. Доколку поможи времето се надева за еден месец да заврши со садењето.
-Не може наеднаш целиот тутун да се насади. Расадот е наш, ние си го посеавме и во одлична кондиција. Садењето не е мачно го извршуваме машински и оди брзо. Но сепак не може наеднаш да се посади, бидејќи ќе стигне брзо и не ќе може да се сработи, вели Алиоски.
Годината во претходната реколта беше многу врнежлива, но сепак Реџеп е задоволен од постигнатиот квалитет на род. Субвенциите ги добил на време и смета дека тутунот во моментот е најрентабилната култура и најмногу се исплаќа. Токму затоа оваа година ќе сади 5-6 декари повеќе и се надева на род од околу 3,5 тони тутун.
-Цел живот се занимавам со земјоделство, имам овци, житарици и тутун, но моментално најмногу се исплати тутунот. Навистина има многу работа но и чиста заработка, нема многу давачки. Со овците и јагнињата е многу тешко, откупната цена е многу ниска. Исто и со житото не се исплати, вели Реџеп.
И покрај целата мака сепак, вели дека не му се заминува од Мусинци, иако тоа го сториле неговите браќа. Во иднина ќе продолжи да се занимава со она што му е најисплатливо и ќе се обиде својата и иднината на неговото семејство да ја гради на овие простори.
Павлина Јовановска