Со авиони ќе се прскаат облаците за да нема град, ама кон крајот на летово

(Oвој напис е објавен на: June 19, 2019)

 

Битката за заштита на земјоделството од град ќе се води од воздух со авиони. Градобијните ракети кои се испалуваа од земја ќе ги замениме со авионско засејување на облаците со сребрен јодид кој по реакцијата ослободува топлина и наместо да паѓа град и земјоделците да бројат загуби и штети врне дожд. На вчерашната седница владата ги усвоила измените на уредбата со која се доделува техничка поддршка за земјоделството со додавање на нова услуга за авионското третирање против град. Постапката предвидува и според нашите сознанија Управата за хидрометеоролошки работи веќе работи на подготовка на тендер кој ќе треба во најскоро време да биде распишан. Со тендерот ќе се избере компанија која за милион и пол евра со авиони ќе ги прска облаците за да не врне град.. Но проблемот е што ваквата тендерска постапка треба според законските процедури да трае околу месец и пол по што во текот на август во најдобар случај би полетале првите авиони кои ќе вршат заштита од град. Земјоделците ваквите мерки на владата ги поздравуваат но сметаа дека за оваа година се задоцнет и апелираат ако има некој модел да не се чека толку време туку со заштита да се почне што поскоро

-Ние ваквата мерка ја поздравуваме и е мерка која ја баравме и предлагавме уште од пред неколку месеци. За секоја овоштар заштитата од град е многу значајна. Кај нас јаболката дури и мал, ситен град да ги фати тие ќе одат за конзервната индустрија и наместо по 15 денари да ги продаваме ќе мора да ги даваме за половина денар до денар. Затоа сметаме дека е многу важно да имаме добра заштита од град кој за нас прави многу штети кои ниту една осигурителна полиса не може да ги покрие. Ваквото засејување на облаците лани имаме сознанија дека успешно се спроведувало во соседна Бугарија и Грција и сметаме дека ќе даде позитивни резултати и кај на но за жал сепак сметаме дека е мерката задоцнета бидејќи додека да профункционира може да биде доцна рече Менде Трајковски претседател на јаболко производителите од преспанскиот регион.

Невреме проследено со град изминативе денови правеше огромни штети во тиквешијата, претходно во пелагониско и уште во многу други земјдоелски регионо секојдневно. Онаму каде што ќе фати град штетите освен во загуба на родот се пресметуваат и со преполовени приноси во текот на следната година а покрај тоа што нема да имаат род за продажба треба и дополнително да инвестираат во заштита од болести кои се јавуваат на местата каде удрил градот.

Земјоделците без заштита од град се оставени од 2013 година кога се потрошија минималниот број на ракети останати од претходните години. Земјава последна набавка на ракети има направено пред осум години а може слободно да се каже дека изминативе десетина години земјоделството е оставено без заштита од град. Иако за лани се најавуваше дека земјоделците ќе добијат современ систем за заштита од град кој од 180 точки ќе има можност за испалување ракети со автоматски систем без да бидат потребни луѓе сепак од тоа ветување на властите не испадна ништо. Сега се промени идеја за нов модел за заштита со авиони но по се изгледа дека и оваа година ќе бидат земјоделците оставени само на себе со надеж дека од до година ќе има начин како да се спаси родот од градот кој заради климатските промени како да стана секојдневие.

З.Б.