fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Дождовите во август го спасија земјоделството од суша

Врнежите од дожд во август придонесоа за зголемување на влагата во почвата која беше повеќе од потребна, а земјоделците се ослободија од наводнување на нивите. Дождовите ги наполнија и вештачките акумулации и барем до крајот на годината не треба да стравуваат од суша бидејќи засега има доволно резерви на вода за наводнување на оваа реколта

Дождовите кој паднаа изминатите денови се добредојдени за земјоделските култури. Вакви дождови во август одамна немало во државата, освен оние кои паднаа во Стајковци, пред пет години, кои беа локални и кои донесоа повеќе штета отколку корист во земјоделството. Врнежите придонесоа за зголемување на влагата во почвата која беше пресушена, а земјоделците се ослободија од наводнување на нивите. Дождовите ги наполнија и вештачките акумулации и барем до крајот на годината не треба да стравуваат од суша.
Агрометорологот Ангелко Ангелески за весникот ВЕЧЕР вели дека овие врнежи се добредојдени во земјоделството, ќе ја подобрат состојбата со влага почвата и ќе придонесат за раст на поголем дел од земјоделските култури.
-Вакви дождови во август одамна немало во државата. И покрај тоа што за некои култури се добри, а за некои не, сепак општата оценка е дека ќе придонесат за раст и поголем род кај голем дел од земјоделските култури. Во Струмица и Демир Капија наврнаа 130 литри на метар квадратен, во Прилеп 124 литри, во Скопје-Петровец 116 литри, во Штип 92 литри, во Битола, Крушево и Скопје-Зајчев Рид од 80 до 85 литри, во Претор и Куманово 70 литри, во Охрид, Виница и Крива Паланка од 55 до 65 литри и најмалку дождови паднаа во Дојран 31-литро на метар квадратен, вели Ангелевски.
Тој објаснува дека врнежите се добри за овоштарството бидејќи во овој период се формираат цветните папки за наредната година. Ако не заврнеше, овошните насади ќе мораа да се наводнуваат.
-За лозарството се неповолни поради тоа што се создаваат услови за појава на болести и штетници, а поради високата влага во воздухот и почвата може да дојде и до намалување на шеќерните единици кај раните сорти грозје. За пченката, а особено за сончогледот кој се наоѓа во фаза на исполнување на зрното овие врнежи се идеални. Сепак за тутунот е малку повеќе од потребното, бидејќи ја зголемуваат само лисната маса, но не и квалитетот на тутунот. Но, за подоцна расадениот тутун е дождот ќе придонесе за побрз раст. За градинарските култури на отворено се добри, бидејќи тие бараат повеќе вода и извесен период не мора да се наводнуваат, вели Ангелевски.
Голем дел од врнежите кои не се впија во почвата се влеаја во вештачките акумулации и ги наполнија со вода. Поради тоа земјоделците не треба да стравуваат од суша, бидејќи засега има доволно резерви на вода за наводнување на оваа реколта.


 

vecerpress

Слични написи

Back to top button
Close