fbpx
ВестиТоп вести

Појава и економско значење на штетникот Zabruz tenebrioides (Goeze) – црн житарец во производството на житни култури во Р.С. Македонија.

 

Житните култури имаат големо економско значење за Република Северна Македонија, скоро 81% од обработливата површина во Р.С.М. се под житни култури, т.е. тие се одгледуваат на површина од 160 988 ha (според Државниот завод за статистика на Р.С.М. (2012/14)), од кои пченицата е на прво место од житните култури. Заштитата на стрните жита од плевели, болести и штетници е процес кој се одвива во текот на целата година. Навремената заштита го зголемува квалитетот и квантитетот на родот.

Од штетниците кои се јавуваат во есенскиот период, големо економско значење во производството на житни култури во Р.С. Македонија има црниот житарец (Zabruz tenebrioides), станува збор за економски значаен штетник на житата во Централна и Источна Европа. Неговата појава е редовна и значајна особено кога житните култури се одгледуваат во монокултура.

Морфолошки опис

Имагото (возрасната единка) има сјајно црна боја на грбната страна и темно кафеава боја од стомачната страна. Има должина од 12 – 20 mm. Ларвата има бледо жолтеникава боја со темнокафеава глава, издолжено и сплоснато тело, со темни површини на грбната страна. Ларвата достигнува големина до 30 mm и е лесно воочлива. Има три развојни степени.

Биолошки развој

Овој штетник има една генерација годишно. Презимува како ларва од втор или трет ларвен степен во горниот слој од почвата. Ларвата е активна од почеток на септември па се до првите мразеви, а потоа и до месец мај. Тогаш се повлекува во почвата на длабочина од 15 до 20 cm и преминува во стадиум на кукла. Имагото се јавува крај на месец мај или кога пченицата е во фаза на млечна зрелост. Во првиот период од својата еклозија, имагото се активира само во вечерните часови. Основната цел на имагото во овој период е проширување на својата територија, летот трае околу 15 дена, а потоа започнува со исхрана на класовите од пченицата или во тој период таа е во фаза на восочна или полна зрелост. Меѓутоа исхраната на имагото е мала и не причинува некои поголеми економски значајни штети. По краткиот период на исхрана, во периодот на жетва имагото, не можејќи да ги поднесе високите температури во тој период, се закопува во почвата, каде гради комори во кои мирува и до три месеци, освен ако условите се влажни. Во реони каде нема претопли и суви лета, житарецот воопшто не оди во летна дијапауза. Во просек, во текот на месец август или со појава на првите врнежи, имагото повторно се активира, води ноќен живот каде се храни со остатоците од пченица по жетвата.

Веднаш потоа имагата се парат, а женките ги полагаат јајцата во почвата, поединично или во групи од 3 – 5 јајца на длабочина од 10cm. Една женка може да положи и до 100 јајца. Женките може да полагаат јајца и до месец октомври а со паѓање на првите ниски температури тие угинуваат. Две недели по полагање на јајцата доаѓа до пилење на ларвите. Ларвите на овој штетник се причинители на штети кај житните култури, во просек од месец октомври па се до крај на месец април. Интензивно се храни на температура над 10 °C, а на температура под 3°C, престанува со исхрана. Ларвите во почвата прават вертикален ходник на длабочина до 40 cm и во него поминуваат најголем дел од своето време. Тие се хранат со листовите од растенијата, на тој начин што ги делат и вовлекуваат во ходникот. Често се случува и цело растение да вовлечат. Една ларва во првиот ларвен степен може да изеде лист со површина од 6 cm², во вториот ларвен степен 26 cm² и 67cm² во третиот ларвен степен. Ларвите се активни во вечерните часови. Штетите од ларвите се изразени, особено ако во текот на зимскиот период има снежна покривка.

Мониторинг

Често пати се случува над 50% од поникнатите жита да бидат оштетени од ларвите на црниот житарец.

Затоа е потребен континуиран мониторинг на површините, со цел рано откривање на појавата на овој штетник и негово ефикасно сузбивање. Наједноставен начин е визуелен преглед на површините. Економскиот праг за третирање во есенскиот период е 5 – 6 нападнати растенија на површина од m².

Сузбивање:

Третирање со инсектициди од групата на органофосфати:

Reldan 22 EC – 2 L/ha

Nurelle 550 D – 1 L/ha

Изготвил:

м-р Петковски Ефтим

(Заштита на растенија)

Хемомак Пестициди ДООЕЛ

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close