fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Драгољуб Зафировски од тетовска Брвеница-Наместо бериќет, дождот им нанесе штети на јаболкарите

Дождот ги обра јаболката во Тетовско, над 80% отсто од родот таман да се собере падна на земја.

Врнежите од дожд кои производителите на јаболка ги чекаа цело лето, наврнаа во есента, баш кога требаше да се собере родот. Па дождот кој толку го очекуваа, во овој период наместо корист, им нанесе штета.

Драгољуб Зафировски од тетовска Брвеница, како и неговите соселани, се жалат дека јаболката наместо да се собрани во подрумите и магацините и подготвени за продажба, тие се паднати на земја покрај јаболкниците и во голем дел уништени. Дождот велат ги обра јаболката.

Сега тој производ на земја не е за продавање како готов производ, а за преработка нема ниту фабрика, ниту бутур, налутено реагира Зафировски.

-Дождот ги собра јаболката, над 80 % отсто од родот е паднат на земја. Имаше порано една фабрика за сокови ги откупуваше ваквите јаболка,  паднати на земја, но сега го нема веќе тој капацитет. Тие  јаболка не може да се продадат на пазар за јадење, не стојат долго свежи, мора што побрзо да се преработат. Јас имам околу 300 дрвца и овој проблем не е само кај мене, туку на секаде. Во Ресен иста е состојбата, ама таму има капацитет што откупува такви јаболка, а тука нема ништо. Јаболката беа зрели, но не можевме да ги береме, врнеше многу дожд. Сега не знаеме што да правиме со овие јаболка, можеби ракија ќе правиме или ќе видиме, на дрвјата останати се само 20% од плодот, но и тој не е нешто квалитетен. И сушата морам да признам малку ги упропасти јаболката, јас ги наводнував  долу во корените, ама бадијала кога е суша, се жали Зафировски.

Тој вели дека секоја година се јавуваат проблеми со јаболката. Нема откуп, ниска цена, па фаќа суша, некогаш јаболката замрзнуваат. Сите овие пречки ги демотивираат жителите на Брвеница и се откажуваат од овој производ, односно ги корнат јаболкниците. Штетата е голема, затоа што сепак се работи за тетовски бренд, за кој овоштарите велат дека исчезнува.

-Сега се јави и друг проблем. И да се најде откупувач, нема како да ги собереме јаболката, нема берачи, народот замина во странство. Ќе го земам Ресен како пример, таму има работници од Мала Преспа, од Албанија им работаат, овде нема никој и тие што останаа не се нафаќаат да берат. Па и за овие паднати јаболка на земја, ако дојде некој да ги купи сигурно цената нема да биде поголема од 5 денари и кој ќе се нафати да работи за толку малку пари, затоа и народот си заминува во странство, вели Зафировски.

Тој како и многуте негови соселани кои се занимаваат со овоштарство и производство на јаболка, голем дел од годинешниот род кој им е на земја, велат дека ќе го фрлат во реката Вардар. Велат дека само тоа што останало здраво, ако успеат ќе го продадат на пазарот. Од некои јаболкопроизводители веќе има најави дека и оваа година ќе продолжат со трендот на корнење на јаболковите насади, поради проблемите кои секоја година се јавуваат со овој производ, а за кои како што додаваат државата не презема никакви мерки, ниту пак им понудила помош на овоштарите.

И сликата на тетовскиот пазар говори дека тетовските јаболка ги има се помалку. На тезгите ретко може да се најде тетовско јаболко. Претежно се продава јаболко од Преспа и Грција. Пазарџиите го земаат тоа што ќе им го понудат откупувачите, а во последно време не им се нудат тетовски јаболка, иако муштериите тоа го бараат, велат земјоделците.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close