Зошто од реката Драгор направивме мртва река?
Зошто реката Драгор и натаму ги собира сите отпадни води и зошто ние граѓаните и натаму фрламе се’ во реката без око да ни трепне, мислејќи дека водата ќе измие позади нас.
Зошто реката не ја гледаме како природно богатство, туку како депонија за да се ослободиме од сопственото ѓрубре?
Зошто досега не се изгради колекторски систем?
Овие прашања за жал се само дел од низата кои засега се без одговор.
И денес Драгор носи пластични шишиња, но не успева да ги однесе, па дел од нив се вртат и превртуваа под каскадите. Низ речното корито во центарот на градот веќе стана вообичаена слика да гледаме пластичен отпад, ѓубришта, па дури и мебел фрлен во самата реката, а многу често водата пени како во неа да е истурен детергент или ги менува боите од бела до црвена.
-Побелува, поцрвенува, позеленува водата во реката Драгор и така загадена се пени како во неа да е истурен детергент. Ова е честа слика како што е честа и сликата на фрлен мебел во коритото или градежен шут. Нечовечност и негрижа. Ова е крајно време да се направат колектори, прочистителни станици и да се подигне свеста кај граѓаните. Мора да има казни за загадувачите, па кои и да се, коментираат битолчани.
Реката Драгор е без жив свет.
Квалитетот на водата во реката Драгор е на ниво на колектор, бидејќи во неа се влева и дел од канализацијата од некои населби во Битола, што се потврдува и со Локалниот еколошки план, објавен во изминатиот период.
Без прочистување во Драгор се влева отпадната канализациска и индустриска вода од градот,а загаденоста на реката на излезот од Битола достигнува до четврта и петта класа, што подразбира најсилно загадена вода.
Во Локалниот еколошки акционен план, кој Општина Битола го донесе во 2016 година јасно пишуваше дека „Досегашните испитувања покажале дека количината на канализациска вода во Драгор е два пати поголема од количината на чиста водa. Таа е претворена во отворен канал во кој се влеваат комунални отпадни води, вклучително и физиолошкиот отпад (фекалии и урина), отпадни води со остатоци од домаќинствата и од индустриските капацитети“.
Околу 84 проценти е покриеноста на Општина Битола со канализациска мрежа, а се уште не е изградена пречистителна станица. Отпадните води од главните колекори се испуштаат во Драгор на осум места во градот и на две во Долно Оризари и Кукуречани. Има села близу Битола, како Буково, Лавци, Брусник, па и Карамани кои не се поврзани на канализациска мрежа. На овие места се користат септички јами или пак отпадните води директно се испуштаат во најблискиот извор на вода. И отпадните води од индустриските објекти без третман завршуваат во реката.
Загадувачи на Драгор се и живинарски фарми, селски населби и разни други помали и поголеми индустриски капацитети.
Загадувањето не запира туку, напротив се пренесува од Драгор во река Црна, а таа се влева во Тиквешкото Езеро.
Едно е јасно дека заштитата на реката Драгор од понатамошно загадување зависи од изградбата на колекторски систем и пречистителна станица.
Со европски средства Битола ќе гради пречистителна станица.
Колекторски систем и пречистителна станица се очекува да го решат проблемот со неконтролираното испуштање отпадни води во водотеците и загадување на животната средина во Битола.
Годинава треба да се распише меѓународниот тендер, а тоа ќе значи дека во рок од 6 до 9 месеци ќе се избере изведувач и во 2020 година ќе се отпочне со градба на истите.
-Меѓународен тендер за доизградба на колекторскиот систем и пречистителната станица во Битола се очекува да биде распишан оваа есен, по што во 2020 година ќе отпочнат и работите на терен, вели првиот човек на ЈКП „Нискоградба“, Методи Силјановски.
Од лани во јануари обезбедени се приближно 27 милиони евра за изградба на пречистителна станица и колекторски систем во Општина Битола. Дури 85 проценти од средствата се обезбедени преку ИПА фондовите, а 7,5 милиони евра од Владата на Р.С.Македонија. Реализација на проектот ќе биде од големо еколошко значење за Битолскиот Регион. Општината, исто така лани од својот буџет обезбеди 17 милиони денари за експропријација на земјиштето.Според најавите од минатата година согласно предвидената проектна динамика, Општина Битола најдоцна до крајот на 2022 година, треба да добие пречистителна станица со која е предвидено собирање и третирање на отпадните води во Битола и околината. Владата лани во март ја усвои информацијата за реализација на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Битола“.
-Се работи за еден огромен проект кој ќе има огромно значење за граѓаните на Битола и за заштитата на животната средина. Тоа е проект со обезбедени средства од странски фондови, а дел ќе покрие Владата на Р.С. Македонија. Јасно е дека се работи за огромен проект со огромен бенефит за граѓаните на Општина Битола. Тече цел еден процес кој не се гледа со голо око, меѓутоа мора да се мине низ него. Странските средства се главно обезбедени од ИПА фондовите, вели Валентин Груевски, претседател на Советот на општина Битола.
Етапно се чисти коритото на реката Драгор.
Ова лето се чисти ѓубрето и наносите од коритото на реката Драгор. Со помош на ровокопач и камион, ЈКП Нискоградба ги отстранува наносите, ѓубрето и обраснатите делови од коритото кое со години не е исчистено од вегетација.
Над 600 кубни метри насипан материјал е исчистен од реката Драгот со последната акција на делницата од Сали Мост до Железнички Мост.
-Екипите на ЈКП Нискоградба работат на потегот од Сали Мост до Железнички Мост во населбата Кланица каде се извадени 600 кубни метри насипен материјал од коритото на реката Драгор. Нашата цел е реката да се исчисти во целост во градската средина. Така што по оваа акцијата ќе се чисти од Сали Мост до мостот кај судовите и потоа од судовите до Црн мост каде не ќе биде потребна којзнае каква интервенција, бидејќи на овој потек веќе еднаш е исчистено во изминатиот период, вели директорот на ЈКП Нискоградба, Силјановски.
Вкупната сума која Општина Битола ја издвои за годинешното чистење на реката Драгор изнесува три милиони денари.
А.Блажевска