Државата и тоа што им остана на вратничани сака да им го одземе

(Oвој напис е објавен на: August 20, 2019)

Власта одамна кренала раце од природното богаство кое го поседува  село Вратница оддалечена 25 километри од Тетово сместена во подножјето на Шар Планина.

Засега таа не презема никакви конкретни мерки за дрвокрадството кое ја соголи Шара, на диво се сече и приватната шума, познатото Вратничко езеро пресушува а за вратничкото лозје никој не води грижа. Но туга сагата на вратничани не престанува. Сега властите удира по највредното за село Вратница, реката.

Откако пред 5 години вратничани спречија изградба на две мали хидроцентрали токму на ова места, сега стотина метри подолу на јавен тендер избрана е фирма за изградба на нова хидроцентрала.

Мештаните велат дека доколку дозволиле да се изградат двете централи, сега ниту риба ниту обработлива земјоделска површина би имале, реката би се искористила за правење струја, а со тоа само штета би претрпеле вратничани а државата и инвеститорите не би се збогатиле многу. Тогаш успеале да ја спасат реката, и во иднина нема да се откажат од неа која е симбол на селото.

-Вратничка река се создава од неколку притоки кои одат од Љуботен и од левата страна на Шара. Заради оваа река ние тука живееме од неа зависиме, вода во неа има колку за нашите потреби а не за некои инвеститори од страна. Тука има и канал кој е изграден од римјаните тој си има своја намена, и сега кога ќе влезат машините тука се ќе се раскопа ќе се уништи шумата ќе секне водата, рече Ивица Михајловски жител на Вратница

Додаваат дека со изградбата на хидроцентрали ќе се помести целата конфигурација на теренот, што значи губење на туристи кои доаѓаат во овој крај. Хидроцентралите имаат за цел како што велат жителите да ги исселат жителите од овој крај .

 
-Се е поврзано со реката, покрај неа сме се вселиле сме се развивале и сега тие централи имаат моќ од еден мега ват, тоа значи многу малку финансии за инвеститортие, а за нас уништување на цело село. Се мислам дека овие централи ги прават да не исселат и толку жители колку сме останале да живеем тука, рече жител на Вратница 

 На изградбата на хидроцентралата на Вратничка река, се противат и жителите од околните села, кои се директно зависни од реката.

“Им даваме целосна подршка на жителите од Вратница, затоа што исто ваква хидроцентрала се планира да се гради и во нашето село. Без струја се може, но без вода не се може. Ги замолувам надлежните да се откажат од овој проект. Доколку се изгради хидроцентралата, жителите од овој крај ќе почнат да се исселуваат, истата вода од Вратничка река за наводнување ја користат и земјоделците од  Старе Село, Беловиште, и Орашје, а без вода целосно ќе замре земјоделската дејност, од која голем број жители егзистираат”, вели жител од Беловиште.

Моментално во село Вратница има околу 300 жители кои постојано живеат, во летниот период бројката е поголема. Од ова село има доста исселени во Америка. Дел од нив почнаа да се враќаат и да градат нови куќи.

-Тука сакаме да се вратиме, еве изградивме куќи со базени, природата е прекрасна на стари години да се одмориме, но еве ова што се прави со Вратница не демотивира , за селото не водат грижа како да не припаѓа во Македонија, а прекрасно место е тука би сакале да инвестираме природата е преубава ама некој ја уништува, вели една исселеничка од Вратница која живее во Детроит Америка а летово дошла да го посети својот роден крај.

Месната заедница од Вратница за проблемите се хидроцентралите писмено ги известиле сите надлежни институции, но досега оттаму не добиле никаков одговор.

Зоран Димовски