Државата обезбедила пари со кои на земјоделците ќе им ја субвенционира нафтата
Обезбедени се пари за „зелената нафта“, но Министерството за земјоделство се уште нема точно утврден рок дали земјоделците ќе ја добијат до пролетната сеидба. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека на следната владина седница се очекува да биде донесена програмата за директни плаќања каде што е предвидена и ваква нафта која ќе им ја субвенционира државата. Но, вели дека допрва ќе треба да се утврди дали за неa ќе можат да аплицираат земјоделците кои земале субвенции претходната година или оние кои аплицирале за субвенции за 2019.
„Постапката за „зелена нафта“ е во финална фаза, програмата за директни плаќања и уредбата за директни плаќања каде што се вградени методологијата на исплата на новата мерка која што е донесеа согласно зименените на Законот за зелена нафта, во вторник ќе бидат на владина седница. Со таа одлука „зелената нафта“ станува нова мерка во самата годишна програма за годишни плаќања“, рече министерот Николовски.
Мерката се очекува да опфати 55.000 земјоделци, а предвидува со државни пари да се покријат 30 проценти од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација. Средствата се обезбедени и програмирани во буџетот на Платежната агенција. За да користат „зелена нафта”, земјоделците ќе имаат наменски, типизирани трансакциски сметки и посебни дебитни картички од банки.
Инаку, министерот Николовски денеска информираше и дека на последниот оглас за доделување на државно земјоделско земјиште над 3 хектари за инвестиции во преработувачки капацитети пристигнале 51 апликација од кои 39 ги исполниле условите. По огласот следи електронско наддавање каде што оние кои имаат најдобар бизнис план ќе го добијат земјиштето.