Државата им должи на фирмите и тоа е сериозна пречка за развојот на приватниот сектор
Иако дел од општините и од државните компании имаат милионски долгови, нивните сметки не се блокирани за да се овозможи општините да го имаат минималниот износ на финансиски средства потребен за тековните работи. Оваа состојба ги става државните гиганти во прилично комотна позиција таложејќи си нови, а невраќајќи ги старите долгови.
Треба да се воведе ефикасен механизам за наплата на побарувањата што ги има приватниот од јавниот сектор, предлага Стопанската комора на Македонија во најновата брошура „За посилна македонска економија во постковид 19 периодот“. Во документот кој и официјално ќе биде претставен во понеделник, се анализира актуелната ситуација на домашната економија со заклучок дека состојбата е тешка, но не е драматична. Клучен проблем се смета раздолжувањето на државата кон компаниите, а ликвидоноста на стопанството се смета за еден од најголемите риизици.
„Можни се разни модалитети, како што е задолжницата, која би важела и за јавниот сектор, воведување фискален сертификат или други иновативни решенија. Навремената и целосна наплата на побарувањата од јавниот сектор ќе му овозможат на приватниот сектор олеснето и ефикасно планирање на готовинскиот тек, управување со сопствената ликвидност и планирање на инвестициската активност. Неопходно е долгорочно одржливо решение затоа што се работи за проблем што е сериозна пречка за развојот на приватниот сектор, бидејќи му ја влошува неговата ликвидност и му ја зголемува неизвесноста во работењето, стои во брошурата.
Се сметка дека елемент што го олеснува изнаоѓањето долгорочно решение за проблемот на ненавременото или на нецелосното подмирување на обврските кон приватниот сектор од страна на јавниот сектор е постоењето јавно достапен регистар на сите доспеани, а неплатени обврски од страна на јавниот сектор. Комората бара измена на член 218 од Законот за извршување што го кочи процесот на наплата.
„Имаме ситуации и кога добиени судски пресуди немаат можност за извршување. Иако дел од општините и од државните компании имаат милионски долгови, нивните сметки не се блокирани за да се овозможи општините да го имаат минималниот износ на финансиски средства потребен за тековните работи. Оваа состојба ги става државните гиганти во прилично комотна позиција таложејќи си нови, а невраќајќи ги старите долгови. Во вакви услови бизнисот тешко опстојува, а уште потешко си ги наплаќа долговите од државните институции и од општините, пишуваат.
Во брошурата компаниите-членки, експерти, директори на банки, како и членови на МАНУ, даваат своја оценка и одговараат на прашањата каква е тековната ситуација во македонската економија, кои се клучните ризици за сегашниот и наредниот период, кои се најсоодветните правци на дејствување и кои чекори и мерки треба да се преземат.
Извор: https://faktor.mk/