вестиТоп вести

Државата дава под закуп 600 хектари земја во Ресен, Струмица и во Велес

Министерството за земјоделство дава под закуп земјоделско земјиште во сопственост на државата со вкупна површина од 600 хектари во регионот на Ресен, Радовиш, Струмица и Велес. Земјиштето што се дава во закуп е со намена за подигање долгогодишни насади, како лозја и овоштарници, оранжерии, маслинарници, но и други земјоделски култури.

drzhavata dava zakup 600 hektari zemja vo resen strumica i vo veles

 

Сите заинтересирани лица може да го земат под наем на период од 15 до 70 години во зависност од намената. Почетната цена за кирија што треба да ја платат идните закупци се движи од 15 до 120 евра. За да се пријават на огласот, сите идни земјоделци треба да имаат бизнис-план, кој предвидува одреден број вработени за одредена парцела, механизација што треба да ја поседуваат и планираните објекти за парцелите да ги изгради најмногу за четири години. Инвестициите се движат од 100.000 евра, па до 2 милиона во зависност од тоа дали треба да изгради преработувачки капацитет, оранжерија или фабрика.

Бизнис-план

Во Министерството велат дека право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и да се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Се остава можност за учество и на трговци поединци, на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи им е претежна дејност. Странските правни лица имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружници во земјава.

– На домашните и странските правни лица или нивните подружници земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи мора да им е претежна дејност или земјоделското земјиште им е потребно за вршење на научноистражувачки дејности. Право на учество на јавниот оглас немаат лицата што ги немаат намирено обврските по основа на закупнина по претходно склучени договори за закуп и даночни обврски и придонеси по основа на персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување – велат во ресорот.

Исто така, државна земја не можат да добијат фирми кон кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации. Сите што ќе учествуваат на огласот мора да достават бизнис-план, кој содржи основни податоци за учесникот, целта за која ќе го користи земјиштето, применета технологија, број на вработени, пазарни аспекти, очекувани производно-економски резултати. Неопходна е и банкарска гаранција. Исто така, мора да докажат дека имаат купено механизација, која е доволна за обработка на земјиштето за кое сакаат да конкурираат.

Вложувања во објекти и фабрики

Големината на површината на земјоделското земјиште за која може да се поднесе пријава и која може да се даде под закуп на еден учесник се утврдува врз основа на минимално материјално-техничката опременост на понудувачот и бројот на планирани вработени, односно вработени според бизнис-планот.

Сите што сакаат површина до 50 хектари мора да имаат најмалку 1 трактор од лесна категорија и најмалку еден вработен во редовен работен однос. За површина до 100 хектари најмалку 2 полесни трактора или 1 со средна јачина и најмалку двајца вработени во редовен работен однос. За површина до 150 хектари најмалку 4 трактори и минимум 4 вработени, а над ова капацитетот на механизацијата сразмерно да расте со големината на површината што ќе се обработува и на секои 50 хектари треба по еден вработен во редовен работен однос.

Инвестиција од 2 милиона евра во Ресен

Учесниците на јавниот оглас во бизнис-планот или во програмата потребно е да имаат предвидено и дадено детален преглед на финансиски средства со листа на инвестиции од поединечни ставки.

Во Ресен треба да предвидат изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи со минимална инвестиција од два милиона евра со рок на изградба од четири години, а во Радовиш објекти за примарна обработка на земјоделски производи со минимална инвестиција од 1.400.000 евра, исто за четири години. Во Струмица ќе се градат објекти за прием, сушење и дестилирање на земјоделски производи со минимална инвестиција од 100.000 евра, а во Велес објекти со минимална инвестиција од 500.000 евра.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close