Државната АПРЗ со седиште во Битола доби сертификат ISO 9001
Добиениот сертификат за АПРЗ значи градење добар имиџ на институцијата и е во функција на улогата што Агенцијата ја има во процесот на трансфер на знаење за подобрени земјоделски технологии
Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола доби сертификат за управување со квалитет МКС EN ISO 9001:2015.
Добиениот сертификат за АПРЗ значи градење добар имиџ на институцијата и е во функција на улогата што Агенцијата ја има во процесот на трансфер на знаење за подобрени земјоделски технологии, менаџмент практики и информации за модернизација на земјоделските стопанства во насока на подобрување на пазарната ефикасност на земјоделските производители и усогласување со стандардите на Европската Унија.
-Воведувањето на ISO стандардот се спроведе во текот на минатата година, а во процесот беа вклучени проверки на севкупната документација, развивање политика за квалитет и прирачник за квалитет, мапирање на контекстот на организацијата, системските и оперативните процеси и процедури, потоа анализа на ризици и развој на клучни показатели на успехот, подготовка и сертификација на интерни проверувачи и спроведување интерна проверка. По завршувањето на интерните проверки, беше спроведена сертификациска проверка при што беше констатирано дека институцијата ги исполнува критериумите за добивање сертификат МКС EN ISO 9001:2015. Сертификатот го издаде акредитираното сертификацискo тело за ISO 9001, АМ ЦЕРТ ДООЕЛ Скопје, изјави за МИА раководителот на пелагонискиот регион во АПРЗ, Зоран Бардакоски.
Со воспоставувањето на одржлив процес на управување со квалитет во јавниот сектор, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството се приклучува на европските трендови за воспоставување на квалитет во работата на јавната администрација и модернизација на јавните услуги.
-Со воведувањето на ISO 9001 во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе има поефикасно работење, поголема одговорност и свест на вработените, подобрување на статусот на фирмата, вреднување и документирање на работните задачи, способност за натпревар на иста основа, можност за освојување на нови пазари, подобро искористување на времето и ресурсите, подобра идентификација на производот или услугата, односно континуирано подобрување, вели Бардакоски.
ISO 9001 – Систем за управување со квалитет е меѓународен стандард кој ги дефинира барања на системот за квалитет, чија примарна цел е задоволството на корисниците, нагласуваат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола.