fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Државни пари за субвенции, а увозот расте – кој профитира?

Земјоделските субвенции во Македонија постојат речиси 17 години, а во овој период од државниот буџет за нив се издвоени околу 1,5 милијарда евра.

Земјоделските субвенции во Македонија постојат речиси 17 години, а во овој период од државниот буџет за нив се издвоени околу 1,5 милијарда евра, пренесува Денар.

Првичната цел на овие финансиски поддршки беше да се поттикне развојот на земјоделството, но официјалните податоци покажуваат спротивен ефект – земјата од година во година станува сè поголем нето-увозник на храна.

Покрај тоа, сточниот фонд значително се намали, обработливите земјоделски површини се сведуваат на помали бројки, а приносите од засеаните култури бележат пад.

Оваа состојба директно ја погоди Македонија во моментите кога цените на храната на светските берзи нагло растеа, што ја оневозможи државата да интервенира и да го заштити животниот стандард на граѓаните.

Проблемот со сегашниот модел

Земјоделството во Македонија обезбедува егзистенција за околу 440.000 граѓани, што претставува околу четвртина од вкупното население. Меѓутоа, бројот на луѓе што се занимаваат со земјоделство постојано опаѓа, а една од причините е моделот на субвенционирање.

Во моментов, субвенциите не се развојни, туку функционираат како приход за земјоделските семејства.

Ова значи дека најголемиот дел од државната финансиска помош се троши на покривање на основните животни потреби, како што се храна, облека и сметки, наместо на инвестиции во модерни агротехнички методи кои би ја зголемиле продуктивноста и би ја намалиле цената на производството.

Ако постојниот модел давал вистински резултати, Македонија денес ќе имала поголемо производство на храна и ќе можела да влијае врз инфлацијата.

Но, спротивно на тоа, цените на храната во ноември 2024 година пораснаа за 5,7% во однос на истиот месец претходната година, што е значително повисоко од општата инфлација од 4,3%.

Во меѓувреме, соседните земји, како Албанија и Србија, успешно спроведуваат развојни модели на субвенционирање кои водат кон зголемено производство и конкурентност.

Македонија, пак, годишно увезува храна во вредност од една милијарда евра, додека извезува само половина милијарда, што резултира со нето-увоз од 500 милиони евра.

Потребата од промена

Актуелниот модел на субвенционирање се покажа како неодржлив на долг рок. Поради тоа, Владата се наоѓа пред клучна одлука – дали ќе продолжи со досегашната пракса или конечно ќе воведе развоен модел кој ќе поттикне продуктивност.

Оваа промена може да биде непопуларна меѓу земјоделците, но би имала долгорочни придобивки за целото општество.

Ако Владата не направи радикални промени, буџетот и во иднина ќе продолжи да троши околу 100 милиони евра годишно за субвенции кои не го решаваат проблемот на македонското земјоделство.

Јавниот притисок за промена на моделот расте, особено поради фактот што тековниот систем главно функционира како социјална помош, наместо да биде инструмент за развој.

Со воведување нови механизми за распределба на субвенциите, би се стимулирале инвестиции во современи земјоделски технологии, механизација и зголемување на приносите.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close