
Дури 2.400 овоштари од Ресен пријавиле штети од вкупно 2.600 земјоделски стопанства
Aприлскиот мраз го сотре речиси целиот род на овоштарите
Речиси целиот род на преспанските јаболка е сотрен од пролетниот априлски мраз, а на јавниот повик на Општина Ресен за штета врз земјоделските насади поднесени се околу 2.400 барања, од вкупно 2.600 земјоделски стопанства. Практично сите активни земјоделци пријавиле штета, велат од Општина Ресен за „Слободен печат“. Димензиите на оваа земјоделска трагедија се уште поголеми ако се знае дека 60 отсто од целиот овошен род во Македонија го сочинуваат јаболката. Пролетните мразеви повеќе од 100 часа ги држеа замрзнати овошките во Преспанско и оваа година не само што нема да има приходи за овоштарите, туку и ќе мора да се увезуваат јаболка што секако ќе влијае врз нивната цена. Во моментов на пазарот има српски јаболка и нивната цена се движи од 70 до 100 денари за килограм, објави Слободен печат.
– Во нашиот регион има околу 5.000 хектари под овошни насади. А во најдобрите сезони реколтата е од 120 до 150 илјади тони јаболка. Ова е огромна загуба и за Преспа, но и за државата, бидејќи годинава ќе изостане приходот од извоз – велат од Општина Ресен.
Оттаму додаваат дека прво се собираат барањата на земјоделците, а потоа специјално формирана комисија ќе треба да излезе и на терен да ја процени штетата. Потоа од Министерството за земјоделство ќе се чека на обесштетување, за кое сите се надеваат дека ќе оди побрзо за да можат да се продолжи со третирање и заштита на овошките за наредната година.
– Од 2016 се бориме со климатските промени и како за бела напролет се случуваат вакви мразеви, кои годинава ги сотреа и праските во Росоман, но и кајсиите и бадемите што рано цветаат. Нема помош за ваквата временска непогода иако некои земјоделци се обидоа самите да предизвикаат замрзнување, ги прскаа дрвјата со вода, но и тоа немаше никакво фајде – додаваат преспанските експерти.
Инаку, од целиот род на јаболка во Преспанско, 80 отсто се од сортата ајдаред, а остатокот се златен делишес, муцо, јона голд и други. Јаболката се едни од најзастапените овошки што ги консумираат Македонците и според статистичките податоци во 2023 година едно семејство купило и изело дури 33,3 килограми јаболка.
Извор-slobodenpecat