![](https://zelenaberza.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/otkup-na-jagne-780x470.jpg)
Лани јагнето се продаваше за 300 денари, годинава за 200 до 220 денари за кило жива мера
Два месеци е закочен откупот на јагнето, овчарите се жалат на уцени од кланичарите Ако лани јагнето се продаваше за 300 денари килограм жива мера, годинава таа цена е срушена за една третина, се жалат сточарите
БИТОЛА – Два месеци нема откуп на јагне во државата, а одгледувачите на овци се загрижени не само за откупот, туку и за цената. Револтирани велат дека кланичарите ги уценуваат да го дадат јагнето за 200 денари кило. Ако лани јагнето се продаваше за 300 денари килограм жива мера, годинава таа цена е срушена за една третина, а револтот е дотолку поголем, бидејќии поскапува се, само откупот на јагнето во кланиците поевтинува, велат сточарите.
„Јагнето не е ни тутун, ни жито да се чува по амбарите, тоа е жива стока и расте“, категоричен е сточарот Аце Милевски, од пелагониското село Гнеотино во разговор со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој пак, засега не понуди решени на проблемот, туку кажа дека ќе разговара со кланичарите.
„Со програмата за овчарството само направивте ситуација кланичарите да ги уценуваат сточарите. Два месеци нема откуп на јагнето, од 15 декември до ден денешен. Има многу јагне што е стасано за откуп. На кого да му го дадеме јагнето кога не уценуваат кланичарите со цената. Ако го продадеме јагнето на приватни откупувачи е 300 денари кило жива мера, а кланичарите ни даваат 200 до 220 денари за килограм. Уште лани баравме да се укине мерката половина од јагнињата да мора да ги предадеме задолжително кај кланичарите. Не можеме да издржиме. Јагнето не може да трае, тоа расте. За два месеци ќе накачи на тежина и после тоа не уценуваат“, се пожали сточарот Милевски пред министерот за земјоделство Трипуновски, кој во Битола ја презентираше новата програма за субвенционирање на сточарството.
Милевски рече дека во моментот има бачило со 500 овци и 300 јагниња, во услови кога откупот е закочен. До лани овчарите земале по 1.000 денари за кланично јагне, сега таа мерка се укинува, а се дава поддршка за грло овца (корисниците во 2025 година треба да имаат предадени или заклани јагниња во регистриран кланичен капацитет најмалку 50% од бројот на декларираните грла овци, а висината на директните плаќања изнесува 3.000 денари по грло). Оваа ситуација според сточарот е уште поголема подлога за „кланичарите да ги уценуваат овчарите“.
„Немаме заштитна цена на јагнето. Нема каде да го носиме, се јавуваме по кланици велат – нема откуп. Ако ги продадеме на приватно ќе останеме без државна субвенција. Кажете што да правиме?“, рече сточарот Милевски.
Министерот Трипуновски не одговори директно за закочениот откуп на јагнето, туку рече дека за проблемот ќе разговара со кланичарите идната среда.
Трипуновски кажа дека веќе е разговарано со здруженијата на одгледувачи на овци и дека одгледувачите не ја разбрале мерката докрај околу бројот на предадено јагне во кланични капацитети.
„Корисник на мерката 50 проценти треба да гласи – предадени или заклани јагниња во кланица. Тоа не значи дека треба кланицата само да ги купи тие 50 проценти од јагнињата, туку и услужното колење на јагнињата влегува во оваа мерка за субвенција“, објасни министерот.
За укинување на кланичната мерка која низ годините беше интервентна, министерот рече дека таквите дополнителни мерки ги тргнале оти „кланичарите сакаат да направат брз профит на ваш грб. Ние како држава да платиме“, рече тој, додавајќи дека самите овчари барале да се тргне мерката оти при откупот на јагнето кланичарите го пресметувале и тој додаток.
Сточарите реагираа и за откупот на овците.
„Лани баравме субвенционирањето на старите овци да не биде со рок до 30 ноември, стара овца за продавање не може да трае до овој период, туку да се откупува до 30 октомври. Бараме да ја вратите мерката како што беше претходно“, рече сточарот Милевски.
По ново за едно грло овца субвенцијата е 3.000 денари, додека субвенцијата за предадено литар овчо млеко се зголемува од 6 на 7 денари по литар. Новина е и тоа што за секое зголемено основно стадо овци за една третина се дава и зголемена субвенција од 30 проценти.
Трипуновски најави дека конечно после 4 години ќе бидат исплатени платите за овчарите од Програмата за рурален развој.
Анета Блажевска