Дводневен саем „Денови на мед“
Минувачите на градскиот плоштад во Куманово, во четврток и петок неделава ќе имаат можност да дегустираат мед, матичен млеч, полен, прополис, восок и истите да ги купат по пониски цени од вообичаените кои можат да се најдат по продавниците. На пчеларскиот саем „Денови на мед 2016“ можат да се најдат пчелни производи од десетина домашни производители, а се организира по 16-ти пат во организација на здружението „Пчела“ .
-Има пријавено 12-13 учесници засега, но верувам дека нема сите да учествуваат, околу 7-8 штандови веројатно ќе има, ќе има и дистрибутер на пчеларска опрема од Скопје и од Берово ќе има претставник кој повеќе продава билки и некои миксови од пчелни производи, изјави Часлав Ристовски, претседател на ПЗ „Пчела“.
Медот е најздрава природна храна, граѓанинот конзумирајќи мед инвестира во сопственото здравје, вели претседателот на здружението Ристовски.
-Лошата година за пчеларството кај нас, на Балканот , но и во светски размери се должи на климатските промени неколку години наназад. За разлика од поранешните години , повозрасните пчелари кажуваат дека имало производство во просек и до 100 килограми по пчелно семејство, а сега нема ниту 10 проценти од тоа, ние сме задоволни и со 10 килограми од пчелно семејство, изјави Ристовски.
Претседателот на пчеларското здружение „Пчела“, Часлав Ристовски посочува дека оваа манифестација многу придонесува за афирмација на пчеларството и производителите на медот.
Инаку, и на годинешнава манифестација традиционално пред присутните ќе се обрати градоначалникот Зоран Дамјановски , претседателот на здружението, а музичко-играорна програма ќе изведат и дечињата од градинката „Ангел Шајче“ .