ВестиЕкологијаМакедонија

Да се јакне брендот Шара и да се развива еко-туризмот

Локалното население задоволно што ќе има нов национален парк

Над 80 отсто од жителите на Тетово и Гостивар, како и на 38 села на Шар Планина и сега и во 2016 година сметаат дека планината треба да стане национален парк. Свесноста на населението дека Шара треба да се заштити бележи раст, а особено се однесува на дрвјата, шумите и живиот свет.

-Жителите од овој регион, над 80 отсто, сметаат дека доколку планината стане национален парк ќе се случи позитивна промена, но помалку од нив, околу 68 отсто, мислат дека  тоа нема нешто посебно да им го подобри животот.

Ова се дел од заклучоците од истражувањето на јавното мислење на локалното население во шест општини во Полог како и голем дел од селата кои влегуваат во предложените граници на идниот национален парк „Шар Планина“ кои беа презентирани денеска.

Истражувањето го спроведоа Македонско еколошко друштво и платформата Пријатели на Шара во изминатите три месеци, а податоците беа споредени со исто истражување спроведено и во 2016 година во сите општини во Полог.

Според Богољуб Стеријовски од МЕД, анкетите покажуваат дека во изминатите неколку години, благодарение на кампањите и споделувањето на информации локалното население е повеќе свесно за значењето на терминот заштитено подрачје, но сè уште треба да се работи на дефинирањето на дозволените и забранетите активности кои ќе може да ги прави и со кои одржливи практики да опстојува во националниот парк.

-Населението смета дека шумите се носечка природна вредност и дека мора да се заштитени, вели Стеријовски.

Во анкетите тие посочуваат дека треба да се забрани ловот, сечењето дрвја и градежните активности. Споредено со анкетата во 2016 година опаднал процентот на население што мисли дека животот ќе биде подобар по прогласувањето на националниот парк, иако повеќето се изјасниле дека бенефитот од идната заштита ја гледаат и на економски план, особено со развој на еко туризмот и со јакнење на брендот Шара и локалните продукти“, посочува Стеријовски.

Продобивките од прогласувањето на Шар Планина за национален парк се многукратни, од заштита на огромното природно богатство, во кое спаѓаат и 1260 видови растенија, од кои 32 ендемични, богатиот животински свет, мечките, рисот, волците, како и фактот дека Шара е трета на Балканот по бројот на глацијални езера, вкупно 30, од кои 21 постојани.

Со правната заштита на Шар Планина ќе се регулира искористувањето на природата, но и поддршката на локалното население, на над 20.000 луѓе кои живеат во регионот. Тоа нема да значи дека ќе им се забранат сите активности, туку дека ќе се даде можност да се зачуваат и паметно да се користат богатствата, а ќе значи и бенефит за општините, бидејќи националните паркови се привлечни за инвестиции. Ќе може да се зајакнува брендот Шара, бидејќи самиот национален парк е бренд и ја зголемува вредноста и цената на продуктите. Ќе се развива еко, руралниот и алртернативниот туризам, мали бизнисите и ќе се јакнат брендовите на шарпланинското јагне, сирењето, медот, билките, традиционалната храна и други, посочи Даниела Камчева од Секторот природа од Министерство за животна средина.

Делот од Шар Планина кој ќе се прогласи за национален парк во иднона ќе се пуравува според План за управување, кој во моментов е во тек на подготовка и се очекува да биде завршен до крајот на годината.

Планот за управување ќе ги дефинира дозволените и забранетите активности по зони, како и активностите со кои ќе треба да се заштитат природните богатства на планината. За таа намена ќе се воспостави јавна установа која ќе управува врз основа на планот. Тој ќе треба да ги обедини и да се базира на локалните потреби и услови, на заштитата на природата, на едукацијата и меѓуграничната соработка како и на социо-економскиот развој, посочи Искра Стојанова од Програмата на ОН за заштита на природата, УНЕП.

Прогласувањето на дел од Шар Планина за национален парк е во финалната фаза. Пред извесно време министерот за животна средина Насер Нуредини планината ја стави во привремена заштита, за да се оневозможат штетни зафати додека траат административните процедури. Денеска, Нуредини истакна дека е задоволен што процесот за Шара стигна во завршна фаза. Предлог- законот е веќе во Собранието и се очекува наскоро дел од Шара да биде прогласен за национален парк.https://meta.mk/da-se-jakne-brendot-shara-i-da-se-razviva-eko-turizmot-lokalnoto-naselenie-zadovolno-shto-kje-ima-nov-naczionalen-park/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close