Крушево
Еколошки компири на 1530 метри надморска висина
Освен зимскиот туризам за чиј развој допринесува големата надморска висина, Крушево може да се пофали и со земјоделско производство и не било какво туку органско.
Во крушевско Везенково, на височина од 1530 метри надморска висина се произведуваат можеби најеколошките компири во државата. За тоа е најзаслужен Перо Петкоски од Крушево кој ги произведува заедно со своето семејство. Да се произведе органски чист производ и да се најде пласман на истиот воопшто не е едноставно, но тоа на Перо му оди од рака. Веќе петта година одржува ваков начин на производство и задоволен е од постигнатите резултати.
„Имам насад од 7 декари со компири. Задоволен сум од досегашните приноси, па планирам да се проширам на 10 декари. Користам семе од сортата Агриа и исклучиво органски го одгледувам. Не користам никаква хемија. Освен онаа основна обработка на земјата, користам исклучиво арско ѓубре. Имам проблем со наводнувањето, бидејќи нема начин за наводнување, но добро е тоа што годината е влажна па и тој проблем е помал. Она што ќе дојди од Господ тоа“, вели за Зелена берза Петкоски.
Местоположбата е специфична, а исто и условите се карактеристични. Сортата Агриа е есенска и за сега е најдобра и најиздржлива на болести и штетници. Како што вели Петрески од време навреме ги има, но не до толку за да мора да се примени некое хемиско средство. Бидејќи компирите стасуваат во средината на месец септември, постои опасност од „лута роса“. Ова е израз што го употребуваат крушевчани кога има влага и ниски температури и не им дава на вегетацијата да остане подолго време зелена, па компирите не може да пораснат поголеми. Сепак тоа не е проблем за пласманот. Целото производство го пласира во Крушево и засега е задоволен. Користи сертифициран семенски материјал и за тоа зема субвенции.
„ Минатата година произведов 10 т компири и сите успеав да ги продадам овде во Крушево. Покрај стручните лица , искуството е тоа што најмногу ме учи како да постапувам . Средината е еколошки чиста, се добива здрав производ, што најмногу се бара на пазарот“, додава Петкоски.
Покрај компирите Перо заедно со неговото семејство садат тутун на површина од 6 декари и грав на 4 декари. Вели дека мора да се адаптира на состојбите. Иако во неговото семејство секогаш имало добиток и се одгледувале крави, за прв пат се откажува од фармерство. Сопругата е носител на целото стопанство но сите членови од семејството се вклучени во работата, од најмал до најголем. Перо вели дека во неговото семејство земјоделството е традиција. „Ако работиш ќе имаш, ако не нема да имаш“, вели тој. Ја има целата потребна механизација. Набавил трактор преку програмата 50 : 50, а како што се создавале услови така набавувал и се’ останато. Сака да продолжи со органското производство и ќе продолжи се’ додека може и има услови за тоа.
Павлина Јовановска