fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Бектеши на состанок со претставници на супермаркетите, најавено ново замрзнување на цените

Замрзнувањето, според Бектеши, ќе биде со најмалку 10 проценти намалување на цените на сите прехранбени производи.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе има состанок со претставници од ланците на супермаркети во врска со мерките што ќе следат во делот на утврдување на цените на прехранбените производи.

Бектеши вчера најави дека на предлог на Министерството за економија, на следната седница на Владата треба да се донесе одлука да се замрзнат цените на  прехранбените производи. Замрзнувањето, според Бектеши, ќе биде со најмалку 10 проценти намалување на цените на сите прехранбени производи. До Владата веќе е доставена предлог- одлука за забрана за акциска продажба и промотивна продажба од страна на сите трговски ланци во нашата држава која ќе важи до 30 ноември.

Според Бектеши, трговците нема да знаат со кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин нема да можат претходно да ги поскапат производите. Замрзнатите цени ќе важат откако ќе бидат објавени во Службен весник.

Министерството за економија денеска треба да достави толкување на Законот за потрошувачите до Државниот пазарен инспекторат и според Бектеши освен глоби ќе има и затворање и забрана за вршење дејност за супермаркетите и за трговците со прехранбени производи кои нема да ги почитуваат мерките.

-Такви одредби имаме во нашите законски решенија, во нашата легислатива, повикувајќи се и на член 69 од Законот за заштита на потрошувачите и член 29 и член 30 од Законот за трговија. Од понеделник ќе почне да се реализира одлуката која се донесува и толкувањето и насоките кои се даваат до ДПИ, а од вторник веќе ќе имаме конкретни цени кои ќе им бидат презентирани на граѓаните, изјави Бектеши.

Од крајот на 2019 година, како што наведе, берзанските цени се зголемени за 23,3 отсто на светско ниво, а кај нас за 47 отсто.

-Убеден сум дека со ваквите одлуки дополнително ќе се намалат цените особено кај производите кај кои има енормно зголемување. Веќе нема да постојат џентлментски договори, туку ќе има конкретни и концизни одлуки кои мора да се почитуваат од сите што вршат трговија, а воедно и од производителите на основните прехранбени производи. Нема веќе да се преговара и овие ќе бидат конечни одлуки. Освен глоби уверен сум дека ќе има и затворање на одредени субјекти ако не ги почитуваат мерките, рече Бектеши, по состанокот со раководството на Државниот пазарен инспекторат.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close