вестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Ќе го врати ли короната животот во празните македонски села?

Карантинот ги врати граѓаните во селата кои почнаа да ги поправаат старите селски куќи и да ги обработуваат нивите. Сепак, оние кој се вратија за кратко велат дека на македонските села им фали инфраструктура за да заживеат и да се врати животот во нив. За да го спречи иселување на младите во градовите и да го врати живото во селата, Европа започна да го реализира проектот „паметни села“  кој во фокусот го става човекот кој во селото мора да има услови и приходи за квалитетен живот.

Пандемијата ги заживеа селата во Македонија. Бегајќи од коронавирусот многумина својот карантин го поминуваа надвор од градовите во руралните средини. Сето ова придонесе дел од нив да сакаат да се вратат или да почнат да размислуваат за живот на село. Оние што имаат стари куќи почнаа да ги поправаат, а оние што имаат ниви и земја да ги обработуваат. Сепак, оние што се вратија за кратко велат дека на македонските села им фали инфраструктура за да заживеат и да се врати животот во нив.

-Сите се прибравме во село. Тука некако е поизолирано и побезбедно, а и имаме голем двор во кој можеме да посадиме некои раноградинарски култури за своја душа. Сè уште работиме и затоа не можеме да останеме тука, ама се надеваме дека кога ќе отидеме во пензија ќе се преселиме тука и ќе продолжиме да се занимаваме со земјоделство, вели Ацо кој карантинот го минува во семејната куќа во светиниколското село Немањици.

Сепак, според него, она што му недостасува на ова село, а и на многу други села во државата, е немањето на инфраструктура, нема водовод, канализација, продавници, школи, градинки…, што е една од главните причини за мигрирање на младите од селата во градовите.

-Во нашето село фалат многу работи. И покрај тоа што природата е незаменлива, сепак не можеш да останеш подолго од неколку дена бидејќи нема услови. Во близина нема ниту продавница, ниту аптека, а во селото се останати само постари жители кои се навикнале на таков живот и на кои ништо не им недостасува. Баба ми и дедо ми чуваат кози, па така можевме да пробаме од преубавото млеко и сирење кое го прават, вели Александар од селото Строиманци.

И оние што се вратија за кратко се соочија со истите проблеми, велат дека во село немаат услови за да останат да живеат. Се прават многу работи, но треба многу време сето тоа да почне да функционира и да ги вратите младите и оние кои се иселени назад во селата.

За да го спречи иселување на младите во градовите и да го врати животот во селата, Европа започна да го реализира проектот „паметни села на иднината“. Во рамките на овој проект се врши поврзување на локалните произведувачи на храна со потрошувачите, образование и освестување на младите за да останат во селата, јакнење на меѓугенерациската солидарност, заштита на оние на кои им треба социјална помош и јакнење на услужните дејности за жителите на руралните области.

Овој проект започна да се реализира во Словенија, каде локалните власти веруваат дека развиеното село ќе стане идентитет и срцето на Европа.

Проектот „паметно село„ во фокусот го става човекот кој во селото мора да има услови и приходи за квалитетен живот. Во тој случај селата не би ги напуштале ни младите.


 

vecer.press

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close