fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Елеонора Петковска-Тутунот го сработивме со пот и мака, треба реално да се плати

Жената земјоделец е растргната на сите страни и дома и на нива. Тутунот не го работиме од хоби, туку од што мораме, вели Петковска.

Елеонора Петковска (41), е жена земјоделец, тутунопроизводител од Прилеп, веќе 23 години обработува 7 декари земја и произведува 1,5 тони тутун годишно.

Егзистенцијата на ова четиричлено семејство зависи од тутунот, каков род ќе имаат и по која цена ќе го продадат. Елеонора вели дека денот и’ почнува пред изгрејсонце на нива и завршува до доцна во ноќта со доработка на собраниот тутун и извршување на домашните обврски. Жената земјоделец е растргната на сите страни, и дома и на нива.

-Целата куќа ја крепиме со тој тутун. Сопругот е регистриран земјоделец, никој од фамилијата не е вработен. Произведуваме до 1,5 тони тутун во зависност од годината и од тоа живееме. Од рано наутро до доцна во ноќта се занимаваме со тутунот. Многу ми помага и синот, вели Петковска.

Според неа тутунарите не само годинава, туку имало и  години кога имало тешки моменти околу откупот кога родот не им се ценел според реалниот квалитет, но сепак последните години ги оценува кај подобри.

-Првиот тутун што го предадовме беше 1998 година и тогаш беше многу ризично околу откупот. Цената беше ниска, не можевме да го внесеме тутунот, се направи гужва заради неплаќање и незадоволство. Исто и годинава големо незадоволство кај тутунарите направи проценката од страна на откупувачите што е за една до две класи пониска. Но, имаше и години кога проценката беше реална, а тутунарите задоволни, да речеме како ланската година. Годинава се претера, секоја рака, односно берба оди класа до две подолу. Самите проценители кога ќе видат на компјутер дека ги надминуваш нивните проценки те ‘косат’. Не сум партиски определена ама тука сигурно има некоја наредба, откупувачите да ценат пониско, вели нашиот тутунопроизводител.

Елеонора во целост ги поддржува земјоделците кои протестираат за реална проценка на тутунот, па и сама со својот син беше дел од протестите.

-Како тутунопроизводител во целост ги поддржувам земјоделците со кои ја делиме оваа реалност. Го поддржувам Иницијативниот одбор затоа што чесно со сите сили ги бара нашите права, кои за жал ни се скратени. Ние не бараме ништо што не е наше и не ни следува. Ние само бараме да ни се плати реално маката и трудот што сме го вложиле. За ова треба малку повеќе да има слух Владата кој на неколку наврати си поигра со нас. Но, едно е јас дека без нас земјоделците, тешко дека со увоз на земјоделски производи оваа држава ќе опстане. Дојде моментот да се помогне, зошто нашиот леб е во прашање. Со пот и мака тутунот го сработивме , па сега треба да се плати, порачува Петковска.

Сепак, Елеонора не се откажува од тутунот, се надева на подобри времиња и поубава иднина за нејзината фамилија. Оваа ситуација годинава може да се „спаси“ со интервенција на Владата, вели таа.

-Власта треба да помогне за реална проценка на тутунот и со зголемување на субвенциите, зошто тутунарите не се потрошен материјал. Многу сме деградирани, а не сме неписмени, порачува Петковска.

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close