Енормен раст на цените
Пандемијата го урна, енергетската криза може да го дотепа животниот стандард на македонските граѓани. Мерки и идеи за одбрана има, но дали ќе има и доволно пари за нивна реализација? Експертите сугерираат на внимателност
Животниот стандард и ценовниот шок ќе бидат тежок испит за менаџирање и за новата влада. Во услови кога секој петти македонски граѓанин живее во сиромаштија, ценовниот раст, кој го подгреа здравствената криза, продолжува со ударот на енергетската криза. Минатата година заврши со статистички пораст на цените во декември од 4,9% кумулативно во споредба со истиот период претходната година, и тоа во услови на замрзнати цени на основните прехранбени производи.
Растот на цените на одредени производи беше сериозен, а допрва може да стане и драматичен со новите цени на струјата, парното, гасот кои се актуелни од стартот на 2022 година. Важноста на замрзнатите цени истекува на крајот на јануари, а стравувањата се што потоа. Експертите предупредуваат дека е потребна внимателност, со оглед на фактот дека ударот што го трпи економијата е главно последица на надворешни влијанија и движењата на светските берзи:
„Генерално, растот на цените се должи на енергенсите и на храната, а тоа се цени кои доаѓаат по промените на светските безри и се надвор од можноста на македонската држава да влијае на истите посериозно. Се поставува прашање – дали имаме капацитет да се справуваме со растот на цените? Вообичаено, главен коректор во прашањето на ценовната стабилност е Народната банка, што е и нивна законска обврска, која има соодветна монетарна политика која во изминатите 15 години обезбедуваше ценовна стабилност. Имајќи предвид дека овде не станува збор за пораст на цените како резултат на монетарните или паричните фактори, улогата на Централната банка е прилично лимитирана, меѓутоа може да се очекува дека во наредниот период и покрај тоа што на трошковната инфлација немаат многу влијание монетарните мерки, сепак треба да се очекува благ пораст на основната каматна стапка, што дополнително ќе предизвика пораст и на останатите каматни стапки во државата. Во однос на трошковната инфлација, фискалната политика тука може да помогне, особено кај делот на ранливите категории, со одредени социјални пакети за тој дел од населението полесно да ги надмине последиците кои ги трпи како резултат на порастот на цените“, вели во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Енормен раст на цените
Какви се состојбите отсликува последниот извештај на Државниот завод за статистика, која обелодени, или пресмета, енормен раст на одредени основи производи. За една година маслото поскапело за 25%, лебот и шеќерот за околу 9%, овошјето, зеленчукот и месото за околу 6%. Транспортот пак поскапел дури за 17%. Овие цени се детектирани во декември лани, во споредба со годината претходно. И тоа во период кога Владата веќе донесе одлука за замрзнување на поголем дел од основните производи.
Какви мерки ќе се воведат за заштита на цените на основните производи засега е неизвесно. Од Владата велат дека кројат план и не откриваат конкретно дали можеби ќе се оди на продолжен рок за важноста на замрзнатите цени на основните производи.https://www.dw.com/mk/