Почна бербата на калинките во  валандовско

 

Почна бербата на калинките во валандовскиот крај. Вообичаено бербата започнува на крајот од месец септември и почетокот на октомври месец, но климатските промени  одамна се чувствуваат и во овој регион така што бербата почнува многу порано, велат одгледувачите на калинки.  Калинката е ретко овошје и за него постои голема побарувачка.

„Оваа година е подобра, за разлика од ланската кога мразот направи големи штети и го уништи родот  на насадите со калинки. Последиците се чувствуваат и сега,  но сепак има род да се собере“, вели за Зелена берза  Луција Спасова од Валандово.

Обично од садница што го има достигнато оптималниот период на род , може да се соберат од 200- 250, а некогаш и 300 кг калинки, во зависност од сортата. Оваа година родот е послаб. За калинките нема организиран откуп, но производителите немаат проблем со пласманот. Ги има на кванташкиот пазар во Скопје како и на поголемите пазари низ државата: во Битола, Прилеп и др. дисконти низ земјава. Цената по која се откупува калинката изнесува 30 ден / кг.

 

„Калинките се многу тешки за одгледување и затоа не се застапени на големи површини. Во Валандово нема куќа што во дворот нема садница, но на поголеми површини само  два- тројца валандовчани ја одгледуваат. Калинките се наш семеен бизнис. Ги одгледуваме на површина од 20 да. Очекувам род  повеќе од  10 т.  Минатата година мразот  предизвика големи штети така што ќе биде потребно да поминат неколку години садниците да се опорават  и да го достигнат оптимумот, вели за Зелена берза Луција Спасова. Имаше година кога имавме  род и за извоз. Македонските калинки беа присутни на пазарите во Русија  и Украина, но оваа година сме далеку од добар род“, додава Спасова.

Луција во овој бизнис  е вклучена веќе 27 години, а последните 10  години активно се занимава само со него. Интересен е фактот што садниците се наследени од дедо на прадедото на нејзиниот сопруг така што има садници кои што се стари повеќе од двесте години. Раскажува дека сортите што се одгледуваат на нашето подрачје се многу подобри во споредба со сортите што се одгледуваат во некои странски земји.

„Домашните сорти имаат боцки и не се лесни за одгледување. Многу се осетливи и бербата е исклучиво рачна. Растат повисоко од садниците во Турција или Јапонија, но имаат карактеристики  што ги прават  поразлични од останатите. Имаат поубава црвена боја и се поблаги. Со цел да си ја олесниме работата  почнуваме да ги кроиме да не растат многу високо. Ова го правиме бидејќи не можиме да најдиме работници за берба, а таа фаза е најтешка. Производството на нашата плантажа е органско. Наводнувањето  го извршуваме  со природна изворска вода, не ги третираме со хемиски препарати, а ѓубрењето го правиме исклучиво со арско ѓубре. Имаме чисто органско производство“, додава Спасова.

 

Сопругот и двата синови помагаат во бизнисот. Радува фактот што еден од синовите  има идеја што сака да ја развие во бизнис план и својата иднина сака да ја пишува на домашен терен, посочува Сапасова. Ова и дава надеж  да не се разочара од фактот што уште немаат добиено средства на име обештетување  за минатата година за родот кој бил  70%  уништен. Сака да ги зголеми површините со нови садници, но како што вели никако не може да стигне на ред да добие државно земјиште. Како и да е за калинките има иднина, бидејќи се многу барани не само во исхраната туку и во фармацевтската индустрија.

Како овошје има исклучително хранливи и лековити својства за што се препорачува да биде што повеќе застапена во исхраната.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

Share Button