Во најголемата житница во Македонија наголемо се сеат есенските култури. Обезбедени се доволно количества семенски материјал, а земјоделците се надеваат дека нема да имаат проблеми со откупот и ниската цена на пченицата како што беше случај со годинашната реколта.
Сеидбата на маслодајна репка и на луцерка е веќе завршена, а во тек е сеидбата на пченицата и јачменот. Во битолскиот дел на Пелагонија со есенски житни култури ќе бидат засеани вкупно 25.000 хектари, од кои 18.000 хектари ќе бидат засеани со пченица и јачмен, а останатите со други фуражни култури.
– Се надеваме дека нема да се остварат најавите на земјоделците за намалување на површините под пченицата поради ниската откупна цена на мелничарите која изнесуваше 8 денари за килограм. Доколку има намалување на површините под пченица се надевам дека тоа ќе биде незначително, вели претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров.
Годинава почвата е добра и ќе можат да се применат сите агротехнички мерки. Според Тантаров, договорено е земјоделците кои имаат механизација и кои порано ја завршиле сеидбата да им помогнат на оние кои немаат механизација.
– Ова засега е можно, бидејќи во Македонија се уште нема оданочување на земјоделски услуги. Оданочувањето на земјоделски услуги ќе почне да се применува откако ќе станеме членка на ЕУ, додава тој.
Во Пелагонија во тек е и жетвата на пченката. Силажната пченка која се користи како храна за животните, а од пред две години и за производство на електрична енергија е веќе собрана, а жетвата на останатата пченка е во тек.
Целосно се завршени жнеењето и бербата на овес, сончоглед, добиточен грашок, граор, фуражна пченка, кромидот, лукот и грашок зрно од доцните посеви по култури. Според информациите од подрачната единица на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане досега се ожнеани 789 хектари со овес, при што е остварено производство од 1.740 тони. Посеан е и сончоглед на површина од 560 хектари.
Пченката вкупно е ожнеана 20 отсто, а жетвата на овесот и сончогледот е целосно завршена. Суровиот тутун е ожнеан 90 отсто, а жетвата на добиточен грашок, граор и кромид се завршени. До крајот на наредниот месец се очекува целосно да заврши и бербата на градинарските култури кои што не се обрани.
– Жнеењето и берењето на овие култури сега за сега е во добра состојба, нема некои поголеми проблеми околу временските услови, до крајот на октомври би требало сите работи да завршат, а потоа треба да започне есенската сеидба, велат од подрачна единица на МЗШВ во Куманово.
Годинава со доцни посеви насадени и насеани се 11.505 хектари површина од кои најголем процент насадиле индивидуалните земјоделци, односно 11.070, а претпријатијата 435 хектари. Привршува и бербата на лубеницата која е насадена на површина од 927 хектари. Од досегашните 85 проценти набрани површини остварено е производство од околу 23.000 тони. Компирот, пак, е насаден на површина од 1.131 хектар од кои над 13.000 тони производство оствариле земјоделците. Бербата на гравот во овој период е околу 80 проценти од површина од 700 хектари и досегашното производство е 490 тони.
Бербата на зелката и кељот е на почеток така што следниот период, ќе следува интензивна берба на овие зеленчуци на површина од околу 300 хектари.