вестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Европските перспективи на руралната жена во Пелагониско на ниско ниво

 

Европски перспективи на руралната жена во Пелагониско на ниско ниво

Зголемување на информираноста за можностите што и се нудат на руралните жени, зголемување на нивната свест за искористување на нејзините способности и поткревање на нејзината самодоверба се сегментите на кои треба во иднина многу да се работи за да може жените земјоделки да чекорат кон европските перспективи. Само така ќе може да се променат  резултатите од  истражувањето што го направи ЗЕЗ „Зелена берза“ во општините од Пелагонискиот регион, а кои не се во корист на жените. Според овие резултати  шансите жените да почнат свој  бизнис  се на многу ниско ниво.

– Во дополнителното истражување испитаничките  одговараа на неколку прашања со избор на скала од 1 до 5 каде 1 е  најниско  ниво, а имаа можност и да дадат  дополнителни коментари на истите. Одговорите на поставените прашања  во просек беа околу 3-то ниво , како најслаби на скалата беа прашањата:

Колкави се шансите да се остварите како претприемач? На кое ниво е развиена свеста за важноста на придонесот на жената? Дали нивната идеја за воведување на новитети во земјоделието е слушната и вреднувана? , посочи Биљана Ристевска вклучена во истражувањето.

Најчести коментари за ваквата состојба како што посочи Ристевска се: немањето доволно финансиски средства, немање доволно време, повлечени се и не се дружат оти немаат доволно слободно време.

На денешната средба со новинарите беа споделени информации и размислувања што беа изнесени на организираната дебата „Европски перспективи на руралната жена – состојби и предизвици“.

 

Предизвиците на руралната жена на патот кон Европа се многу големи. Состојбите  од место до место се различни. Во светот на бизнисот  руралната жена се обидува  да не е само нем набљудубавач  на состојбите туку и активен чинител  во донесувањето на одлуки во водењето на сопствен бизнис.

Бројот на жени носители на земјоделско стопанство во Пелагонискиот регион се зголемува но уште е далеку зад оној на машки носители.

– Од околу 6000 регистрирани  земјоделски  стопанства во Битола кои ја покриваат територијата  на  општините Битола, Могила и Новаци на 2000 носители се жени. Со цел како да се  инспирира  жената да биде поактивна, а не само на лист хартија  МЗШВ во минатата  година  за прв пат се воведе мерката 115, изјави на дебатата Илиевски.

Во Пелагонискиот регион различна е вклученоста на жените во здруженија на граѓани. Неинформираноста за можностите што може да се искористат со женското здружување и оправдувањето „немам време“ се основните причини за ваквата состојба. Жената е таа што треба сама да се избори за себе, да стане видлива . Не е доволно видлива  заради некои стереотипи и традиционални норми кои и се наметнати. Иако е активен учесник во земјоделието, нејзиниот труд не е доволно вреднуван и признат, за што треба сама да се избори.

Членувањето во некоја организација е најчесто поврзано со промовирање и презентирање на традиционалната храна и култура , но се јавуваат и позитивни примери каде жената не е само претприемач на хартија туку и жена која и тоа како добро се снаоѓа во претприемачките води, беше кажано на денешната прес конференција што беше организирана во рамки на проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“ што финансиски е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

П.Ј.

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close