
Дизелот поевтинува за 6,5 денари, бензинот поскап за денар
Еуродизел БС (Д-Е V): 95 денари за литар
Од полноќ стапуваат на сила новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати, со кои дизелот значително поевтинува, додека бензините поскапуваат за еден денар.
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која цените во просек се намалуваат за 2,06 отсто во однос на претходната одлука.
Од 1 септември во 00:01 часот максималните цени ќе изнесуваат:
Еуросупер БС-95: 94 денари за литар
Еуросупер БС-98: 96 денари за литар
Еуродизел БС (Д-Е V): 95 денари за литар
Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 97 денари за литар
Мазут М-1 НС: 44,410 денари за килограм
Бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поскапуваат за 1 денар за литар, додека цената на дизелот се намалува за 6,50 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за 3,50 денари за литар, а мазутот за 1,166 денари за килограм.
Во пресметката на РКЕ влијаеле движењата на референтните цени на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на доларот. Референтната цена на бензините е зголемена за 2,212 отсто, додека кај дизелот е забележано намалување од 8,237 отсто.
РКЕ нагласува дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени.




